Жртвувања заради ајвар

Бормашина им откина прсти на тројца мажи, кои правеле ајвар со семејствата во Кавадарци.

И додека во Скопје инспекторите го чешлаат теренот и ги казнуваат „домаќинките“ околу зградите , во Кавадарци тројца мажи останале без прсти додека мелеле пиперки ајварки со помош на бормашина.

Д-р Дано Кулев, началник на хируршкото одделение при Општата болница во Kавадарци, ја потврдува ваквата информација притоа информирајќи дека несреќите се случиле изминатите деновиве, а несреќните мажи вчера биле оперирани .

–„ Станува збор за три лица кои на нашето одделение беа примени со трауматски ампутации на прсти, повреди настанати при мелење пиперки за ајвар со електрична бормашина. Kако што самите ни објаснија, на сите нив им бил потфатен по еден прст додека дотурале пиперки во машинките за мелење. Притоа им биле откинати врвовите од прстите“ – информира д-р Kулев .

Тој посочи дека поради недостиг по дел од прстот на пациентите , пристапиле кон посебна медицинска постапка и обработка на повредениот дел.

– „Мораше на соодветен начин да се третира и сошие местото каде што беше откинат и изгубен врвот од прстот. Во таков случај најпрвин се вади дел од коската на прстот, се оформува повредениот дел и на крајот се шие. Повредените се се уште на нашето одделение, средени и во стабилна состојба“,изјави тој.

Градските власти во 2008 година забранија користење на јавните површини за подготовка на зимница но во изминатиот период инспекторите изрекуваа само предупредувања за кршење на Законот за јавна чистота. Првите десетина казни за печење пиперки на отворено веќе се напишани, а инспекторите наведуваат дека правењето ајвар пред зградите не е чест случај во текот на работните денови, но дека помасовно правење на зимница на отворено е изразено за време на викендите.

Заедничкото печење на пиперки и подготовка на ајвар некогаш беше главна есенска традиција во градот, додека сега комшиите кои живеат во станбените објекти и сакаат да прават ајвар, бегаат по селата кај роднини или се кријат.

Билјана Н. Тошевски