Фаланга пишува дека организатор на ова бил Џими Котевски, претседател на задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Котевски бил присутен во зградата на Конзулатот на Република Македонија во Мелбурн и ги пречекувал гласачите кои пристигнувале со автобусите во кои немало ни по десетина патници.
Во Брисел, како што јавува МИА,Имало голем револт и незадоволство на огромен број македонски граѓани на гласачкото место 5003 во Брисел (Белгија), откако според нив, иако биле уредно пријавени, денеска не успеале да го остварат своето гласачко право и да гласаат како македонски граѓани од дијаспората.
Досега официјално 75 луѓе, од тие кои денеска не можеа да го остварат своето бирачко право во европската престолнина се Македонци од ромска националност.
Од избирачкиот одбор на Државната изборна комисија во Брисел, за МИА истакнаа дека вкупно 284 лица се запишани и ќе имаат право денеска да гласаат во Брисел. До 12 часот тоа свое право го оствариле 50 лица. Оттаму информираат дека над 90 проценти од пријавените гласачи тоа го сториле електронски, преку интернет, па велат дека оние што денеска ги нема на списокот, најверојатно немале успешно интернет-пријавување.
Поплаки за ичезнување од списоците за гласање има и од македонските граѓани во Австрија. Најмалку 50 лица, иако тврдат дека уредно се пријавиле преку Македонската амбасада во Виена, денеска не успеале да гласаат, бидејќи ги немало на списоците.
Вкупно 20.573 македонски граѓани се запишани за денешното гласање во дијаспората, кои ќе можат тоа право да го остварат во 46 дипломатско-конзуларни претставништва.
Четири политички партии и коалиции имаат свои кандидати во дијаспората, еден од нив да заземе место во македонското Собрание, треба да добие минимум 6.500 гласови.