Заврши стечајот во Фени, работниците остануваат на работните места

Заврши голготата за вработените во кавадаречкиот комбинат за никел Фени Индустри откако Апелациониот суд го потврди решението на Основниот суд во Велес, за одобрување на планот за реорганизација на ГСОЛ, компанија која досега беше и закупец на комбинатот.

Изминатиов период дел од доверителите го обжалија овој план до Апелацискиот суд. Во соопштението до медиумите од Основниот суд Велес стои дека ,Апелациониот суд Скопје го потврди решението на Велешкиот суд со кое се одобрувал планот за реорганизација на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ‘Фени индустри АД Кавадарци’ – во стечај.

– “Врз основа на наведеното, решението на Основен суд Велес за одобрување на планот за реорганизација на стечајниот должник е правосилно и претставува извршна исправа согласно со одредбите од Законот за стечај“, соопштија од таму.

Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, рече дека со ова се става крај на периодот на несигурност, сомнеж и проблеми за Фени Индустри и најави период на инвестиции, раст и стабилност за компанијата.

-„ Завршувањето на формалниот процес на стечај му овозможува на ФЕНИ да се насочи кон одржлива иднина како сигурен снабдувач на светскиот пазар на фероникел и со тоа повторно да стане еден од најголемите извозници во земјата, како и да го даде својот значаен придонес кон растот на БДП“,истакна Камхис.

Од ГСОЛ се задоволни што се обврзале да ја одржат фабриката во работна состојба, со зачувани над 750 значајни работни места за време на стечајниот процес, преку договорот за процесирање на руда.

– „Судската одлука ја завршува неизвесноста за вработените и гарантира безбедност за многумина во нашата заедница. И покрај многуте пречки и предизвици во минатото, сега сме во состојба нашите финансиски ресурси и експертиза да ги ставиме во корист на компанијата, заедницата и земјата како целина”,изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел.

Повеќе од 80 милиони евра инвестирани од ГСОЛ во текот на минатата година, овозможија ФЕНИ да ја намали несигурноста на своите кредитори и добавувачи, да ја одржи фабриката во работа и да произведе над 10.000 тони никел за извоз на светските пазари во 2018 година.

Задоволен е и стечајниот управник Мирослав Анастасиевски,во известување до јавноста вели дека со добивање на Решението од Апелација за кавадаречкиот комбинат за никел, настапуваат правните последици од одобрениот план за реорганизација поднесен од страна на доверителот ГСОЛ.

– „Во стечајна постапка со над 1.000 доверители и утврдени побарувања од над 68 милиони евра, во изминатите месеци органите на постапката во рамки на Законот за стечај носеа законски одлуки кои придонесоа за опстанок на комбинатот.Решението само стави печат на законитоста на целата постапка, по заокружување на преостанатите процесно правни дејствија стечајната постапка ќе се заклучи како една од најуспешните стечајни постапки во Р. Македонија и ќе претставува пример за успешна примена на Законот за стечај“ ,смета Анастасиевски.

Според него,избраниот модел на реорганизација наместо ликвидација, начинот на водење на оваа транспарентна стечајна постапка , резултирал со целосна заштита на правата на сите доверители и на вработените.Поради недомаќинско раководење на претходното раководство и натрупани долгови од над 60 милиони евра на крајот на минатата година за комбинатот беше отворена стечајна постапка,во која се бараше инвеститор кој ќе ги покрие наталожените долгови но и ќе достави план за реорганизација на фабриката,без да запре производството.Во трката ГСОЛ како најсериозна компанија,понуди план,ги исплати долговите ,вработените ги остави на работа,а од март лани го рестартира и производствениот процес.