Завршуваат работите на Боемска улица

 

На 23-ти декември ќе биде официјалното отворање на “Боемска улица” 2 во општина Центар. Дотогаш, останува да се завршат уште некои уредувања оклу поплочената улица, светилките и друга инфраструктура.

Настанот ќе биде автентично боемско уживање, кое ќе биде збогатено со настапот на бардот на староградската музика, познатиот Звонко Богдан, придружен со седумина тамбураши-информираат од општина Центар.

Вториот дел од “Боемска улица“ има должина од 270 метри и површина од 4.000 метри квадратни, а се протега од улицата “Орце Николов“ до дворот на Градежниот факултет.

Во текот на нејзината изградба, старите и дотраени бекатон коцки и улични рабници беа заменети со природни материјали и гранитна коцка. Поставена е нова атмосферска канализација , а површинските води и водата од олуците ќе се сливаат преку поцинкувани канали.  

Повеќе ја нема ни грдата слика на висечките кабли од кабловските оператори и од ЕВН, бидејќи  се ставени под  земја.

Улицата  ја краси ново зеленило. Наскоро ќе се насади нов дрворед од 18 садници (костени), а во жардиниерата кај ОУ „Коле Неделковски“ има зимзелени садници и  цветен расад .

Улицата ќе се разубави со нова урбана опрема: клупи, корпи за отпадоци и држачи за велосипеди.  Уличното осветлување ќе се збогати со нови квалитетни канделабри.

Улицата ќе има посебен режим на сообраќај, исто како и првата “Боемска улица“. Граѓаните ќе може да уживаат во тишината и пријатната музика на кафеаните, бидејќи на новата Боемска улица, паркирањето ќе биде забрането .

“Задоволство е да се види успешно реализираниот проект кој на граѓаните ќе им овозможи уште еден простор за релаксирање и уживање. Простор во кој ќе доминираат автентичните звуци и вкусови и кој ќе стане градски симбол за убаво дружење и мерак“ , вели  градоначалникот  на општина Центар, Андреј Жерновски.

Во план е проектот да продолжи со третата фаза, односно реконструкцијата на ул. Михаил Цоков и нејзино претворање во пешачка зона. Со ова се создаваат услови овој дел од Дебар Маало да го носи името “Боемски кварт“ – се вели во соопштението од општина Центар.