Завршува ерата на бензинските и дизел моторите!?

Пратениците од Горниот дом на германскиот парламент и предложија на Европската комисија после 2030 година да се забрани регистрација на возила со мотори со внатрешно согорување, пишува „Шпигл“.

„Потребно е да се преиспита досегашната даночна политика за да се поттикнат сообраќајни решенија кои не причинуваат загадување и да се постигне целта, по 2030 година во Европската Унија да се регистрираат само возила без штетни емисии“, стои во барањето упатено до ЕК.

Како што наведува „Шпигл“, со ова барање се согласиле сојузните покраини во кои на власт се демохристијани и покраините со социјалдемократски влади.

Сојузниот министер за сообраќај, Александер Добринт (од Христијанско-социјалната унија ЦСУ), меѓутоа, ја отфрли иницијативата, велејќи дека таа е нереална.

„Моторите со внатрешно согорување како преодна технологија ќе се развиваат паралелно со развојот на електричните автомобили“, изјави Добринт.