Загинатиот возач во кобната несреќа во Драчево бил суден за поставување бомба во Собрание на 27 април пред две години

За возачот на „реното“, Јованче Лазаревски-Шиљо (43), мал дел од јавноста знае дека пред две години учествувал во инцидентите во Собранието на 27 април. Тогаш, полицијата го приведе поради сомневање дека кобната вечер во парламентот оставил импровизирана експлозивна направа од плинска боца поврзана со петарда. Полицијата и обвинителството го товареа за предизвикување општа опасност и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, за што му беше одреден притвор, објави Независен весник nezavisen.mk.


„Осомничениот околу 19 часот со толпата влегол во Собранието, а околу 20:40 часот заедно со околу 20 лица се качил на првиот кат од Собранието, по што сам влегол во две канцеларии кои се меѓусебно поврзани. Притоа, под работно биро поставил импровизирана експлозивна направа која се состои од петарда и боца со компримиран бутан-гас залепени со селотејп-лента, како и уште едно парче петарда и си заминал“, соопшти обвинителството.
Во затворот во Шутка мина речиси една година, од 25 мај 2017 до 14 мај 2018 година. За кривичното дело за кое се гонеше беше неправосилно осуден на 4 години и 9 месеци, потврдуваат за „Независен“ од Кривичниот суд.
„Казната потоа е укината од Апелацискиот суд и предметот е вратен на повторно судење, кое е во фаза на судење“, објаснуваат од судот.