Загрижените амбасадори на средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, денеска се сретна амбасадорката на Р.Германија во Р.Македонија, Кристине Д.Алтхаузер, со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија, Чарлс Гарет, со амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон и со амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.

На средбата е изразена загриженост за кочењето на демократските процеси во Р.Македонија, по изборите на 11 декември.
-Имавме кредибилни избори, на коишто мнозинството граѓани го поддржаа концептот на едно општество, развој на Р.Македонија и квалитетен живот. Преточено во пратенички мандати, тоа се 67 мандати со коишто е обезбедено парламентарното мнозинство и се создаден услови за разговори за формирање на новата Влада. Ѓорге Иванов предизвикува уставна криза и остава простор на Никола Груевски за провокации и насилство со цел да спречи мирен трансфер на власта што ја изгуби. Неопходно е Иванов веднаш да го даде мандатот за формирање нова Влада во Р.Македонија, во интерес на граѓаните и на државата, рече претседателот Заев.

На средбата е оценето дека е неопходно демократските процеси во Македонија да продолжат со цел да се формира новата реформска Влада, според очекувањата на граѓаните.
-Не смее да трпат последици државата и граѓаните само затоа што Никола Груевски ја изгуби власта и се плаши од соочување со одговорност за несовесното владеење. Нови избори би значеле само продлабочување на кризата. Ништо од тоа што лаже власта во заминување преку пропагандата не е точно. Ние сме определени кон унитарна Република Македонија, тоа е поддржано и од партиите со коишто го обезбедивме парламентарното мнозинство. Ја имаме веќе основата на новата владина програма за што ќе се разговара во процесот на формирање Влада, таа е поставена на реформи, нови работни места, квалитетно здравство, образование, правда, враќање на парите кон граѓаните и евро-атлантски развој на Македонија преку заедништво, а не поделби, соопшти претседателот Заев.

На состанокот се изразени очекувања за зрелост од сите страни со цел Македонија и граѓаните што побрзо да ја добијат новата Влада, на мирен начин, како што доликува на земја којашто има за цел да биде дел од демократскиот свет.