,,Горд сум што можам вечерва директно да ви се обратам, за да ви се заблагодарам на храброста, и на истрајноста овие изминати години. Борбата за слобода против режимот почна од тука, почитувани граѓани на Центар. Станавте заедно и му пркосевте на режимот. Ама вредеше. Го поразивме. Прво вие во Центар, а потоа и цела Македонија“, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во Општина Центар.

Заев рече дека Скопје ќе биде град кој ќе ги поврзува граѓаните со модерни и квалитетни улици и патишта, дигитализирани и паметни системи за јавни услуги, со функционален јавен превоз и безбеден сообраќај.

,,Целиме да ги поврземе граѓаните не само преку инфраструктурата, туку реално да ги доближиме еден до друг. Скопје е Македонија во мало. Промените кои ги носиме во градот целат да се зближуваме еден со друг. Како што Скопје се развива и поврзува внатрешно, и со цела Македонија, така и луѓето ќе стануваат поотворени едни кон други.”

Пред граѓаните на општина Центар се обрати и кандидатот за градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов. Тој ја претстави својата програма и објасни како Скопје ќе функционира како град кој ќе работи за граѓаните.

“Јас и мојот тим имаме јасна визија како Скопје да стане град кој ќе работи за тебе. Скопје ќе стане град во кој секој ќе се пронајде. Секој ќе добие шанса да живее и функционира онака како што посакува. Со мојот пријател Саша Богдановиќ, ќе го вратиме зеленилото во Центар. Ќе ја запреме налудничавата идеја на ВМРО-ДПМНЕ и кејот кај Градски трговски центар ќе го затвориме за сообраќај. На покривот на ГТЦ ќе направиме зелена градина” соопшти кандидатот за градоначалник на град Скопје, Шилегов.

Во своето обраќање, кандидатот за градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ најави дека сите постоечки паркови ќе бидат обновени со зеленило, а таму каде што нема зелени површини ќе се продолжи со зазеленување и со садење нови дрва, за да се обезбеди подобра животната средина и подобар квалитетот на воздухот.

„Таков проект најавивме со идниот градоначалник Петре Шилегов и тоа ќе го продолжиме на сите слободни простори. Ваков парк, заедно со град Скопје и градоначалникот Шилегов, ќе направиме на кровот на Градски трговски центар, кој досега беше затворен. Тој ќе биде отворен каде што граѓаните слободно ќе може да се рекреираат“, рече Богдановиќ.