Заев: Аеродром, Ѓорче, Шуто Оризари, Карпош и Центар победивме во прв круг, Шилегов води со 20.000 гласови

Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош, Шуто Оризари, Центар ги добивме во првиот круг, чекаме да видиме дали ќе победиме во првиот круг и во Кисела Вода, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обраќајќи им се на граѓаните од бината пред Влада во РМ.

Заев објави дека СДСМ победи во првиот круг и во Прилеп, Охрид , Ресен и други места низ Македонија.

Во Скопје Шилегов води пред Коце Трајановски со повеќе од 20.000 гласови, со што е отворена можноста за победа и во првиот круг, рече Заев.

Заврши времето на локални шерифи. Концептот “едно општество” успеа и немаме веќе изговори. Граѓаните ќе диктираат, апелирам на одговорност пред нив, со почит кон секој поединец. Ќе работиме еднакво за сите. Вредеше борбата!-рече Заев.

Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата, а на новите градоначалници им порача да работат чесно и за граѓаните.