Заев: Акцискиот план од Охрид не е алтернатива за полноправно членство во ЕУ

Унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка преку отстранување на бариерите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, е заедничкиот договор на лидерите од Западен Балкан на средбата одржана во Охрид.

Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за договореното.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека оваа средба, како и иницијативите утврдени во планот за приоритетни мерки, воопшто не е алтернатива на аспирациите на сите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ, и дека тоа и понатаму останува главна  цел за државите од регионот.

Заклучоци од Регионалниот состанок за Западен Балкан, Охрид, 9-10 ноември 2019

„Зборувавме за тоа да го забрзаме остварувањето на сонот на нашите граѓани за остварување на Западен Балкан на 21 век. Регион во кој граѓаните, особено младите ќе ги препознаат потенцијалите за нивната иднина во регионот. Акцискиот план со приоритети на кои ќе се посветиме во наредниот период е обезбедување услови за слободно движење на граѓаните само со лични карти. Дополнително за создавање предуслови за 24 часовно работење на границите со царински контроли во една точка и за меѓусебно признавање на фитосанитарните контроли на производите што се движат низ регионот за да се обезбеди брз и безбеден транспорт, да стигнат до пазарите во оптимално време за што во голема мерка ќе помогнат и брзите траки за камионите“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев истакна дека регионалната соработка, вклучително и зајакнатата економска соработка е интегрален дел на напорите за обезбедување напредок, економски просперитет и олеснување на комуникацијата меѓу луѓето.

„Имаме документ кој гарантира понуда за широк спектар на граѓаните од целиот регион, како на пример признавање на професионалните компетенции на граѓаните во целиот регион за да можат да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот во сите земји од регионот. Овие иницијативи се во целосна согласност со повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска област, како и со активностите во останатите регионални иницијативи и ја прифаќаат улогата на Берлинскиот процес, како значаен двигател на регионалната соработка“, истакна премиерот Зоран Заев.

„Уверен сум дека овие напори се во поддршка на нашите амбиции за членството во ЕУ. Исто така сум цврсто убеден дека оваа иницијатива и конкретните мерки и резултати ќе предизвикаат позитивно внимание и во Европската Унија и кај секоја од земјите членки на ЕУ. Оваа иницијатива ќе не факторизира како регион, и ќе ја факторизира секоја земја од Западен Балкан уште повеќе во процесот за членство во ЕУ“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека овој впечаток е веќе потврден уште во Охрид со разбирањето и поддршката за иницијативата што е препознаена од претставниците на Европската Унија, од Регионалниот совет за соработка, како и од претставниците на финансиските институции Европската банка за обнова и развој, Европската банка за инвестиции и до Светска Банка.

На прес-конференцијата сите останати лидери се согласија дека оваа иницијатива и договорените мерки се од суштинско значење за понатамошно продлабочување на регионалната соработка во областите од заеднички интерес, и изразија оптимистички очекувања за понагласено учество на сите земји членки на Западен Балкан на следната регионална средба во Драч наредниот месец, соопшти Влада на РСМ.

Извор: Влада на РСМ