Заев апелира на смиреност и мудрост

 

Одговори на новинарски прашања,
Зоран Заев, Претседател на СДСМ
Скопје, 01.03.2017
Медиуми: Што ќе преземете доколку Иванов не ја повлече одлуката?

Заев: Во сите овие години, па и месеци зад нас, сегогаш и вие новинарите па и ние од опозицијата, но пред се и граѓаните, видоа дека има решенија за се. Има решение и за оваа состојба. Никогаш не сум ги кажувал решенијата преурането, но едно е сигурно, мудрата глава на нашиот народ не доведе да се спасиме од режим со пенкало и глас. Треба да продолжиме така, трезвено и мудро. На тој наин ќе си докажеме и себеси и пред нашите деца и пред сите наши сограѓани колку ја сакаме Македонија. Ја користам приликата уште еднаш да упатам апел, со трезвени и мудри глави, внимателно и полека. Тоа што денеска е навидум горчина во душите, од утре отвора нови перспективи. Само полека и чекор по чекор.

Медиуми: Дали ќе поднесете претставка до Уставен суд за оваа одлука?

Заев: Секако дека нашите правни експерти и експертите надвор од партијата кои ни помагаат ќе ги разгледаат сите можности, да ги искористиме сите законски можности и аспекти кои ни стојат на располагање за да спречиме ваков државен удар и кршење на Уставот на Република Македонија.

Медиуми: Господине Заев, што зборувавте денеска со лидерот на ДУИ, Али Ахмети? Дали нешто се договоривте, што понатаму?

Заев: Ние денеска со господинот Ахмети требаше да имаме прв начелен состанок после добивање на мандат, и за жал, не успеавме да разговараме на таа тема, заради тоа што веќе бевме информирани за намерата на Ѓорге Иванов. Намерата беше да ги ставиме првите контури на работни групи коишто ќе разговараат за сето она што е пишан материјал, програма на владата, па дури и да отвориме расправа за ресори, можеби кадровски решенија или слично, но не разговаравме за тоа. Само констатиравме дека е обврска сега на сите со мудри и трезвени глави, чекор по чекор, да консултираме експерти, да апелираме кон граѓаните, навистина треба да ја сочуваме стабилноста, мирот и спокојот во Република Македонија.

Медиуми: Дали следен чекор е Парламентот?

Заев: Се уште немаме донесено одлуки за следни чекори.

Медиуми: Дали ДУИ ќе ве поддржи за формирање на владата во Собранието?

Заев: Не зборувавме за тоа. Зборувавме дека за вакви прашања треба мудро да размислиме кои се следните чекори, заради тоа што можеби некој очекува некаков вид на контра провокации, контра реакции и слично, тоа нема да го дозволиме. Разговаравме само за тоа што го соопштив. Следните чекори и одлуки што ние ќе ги донесеме ќе ги соопштиме, верувам и другите политички партии ќе ги соопштуваат пред јавноста транспарентно, како што тоа и ние го правиме од СДСМ.

Медиуми: Јавноста деновиве е преплавена со разни информации околу содржината на договорот со ДУИ. Дали можете на јавноста да и објасните што точно е договорено за да се спречат понатамошни бранови на шпекулации?

Заев: Јас на неколку пати јавно зборував многу транспарентно тогаш кога тоа беше возможно и кога имавме нешто конкретно. Сето тоа што досега е разговарано се начела и принципи и се е во функција на зачувување на Уставот и во рамки на Уставот на Република Македонија. Сето тоа кое што е разговарано е заради зајакнување на унитарноста на Република Македонија. Документите коишто треба да произлезат од евентуален договор којшто се склучува после,а не пред добивање на мандат, се документи преточени во програма на Влада, којшто се доставува до Собранието на Република Македонија и распределба на одговорност преку ресорите во самата таа Влада доставено исто така до Парламентот на Република Македонија. Доколку се добие мандатот ние после тоа поминуваме на разговори за сите други детали. Важно беше да бидат потврдени сите наши позиции, нивни позиции, стојалишта во делот на наша платформа, имаме многу значајна и убава платформа којашто произлегува од „Животот за Македонија“, дадовме свои коментари по нивните платформи, разговаравме за употребата на јазиците во Република Македонија, но сето тоа се принципи и начела зад којшто стоиме, треба да работат експерти, стручни и правни луѓе на сета таа документација, за да можеме транспарентно тоа да го објавиме пред граѓаните, да отвориме дебата, да дискутира Парламентот како што е редот во демократски процеси како што се пропишани согласно Усатвот и законите во Република Македонија.

Медиуми: Што ќе стане со посетата на г-ѓа Могерини?

Заев: Се надевам дека Македонија достоинствено ќе го пречека високиот претставник на Европската Унија, заради тоа што госпоѓа Могерини доаѓа овде да изнајде решеније како да помогне на нашата земја и нашите граѓани. Сите ние политичарите тврдиме дека нема алтернатива за оваа наша земја освен полноправно членство во ЕУ. Јас верувам дека утре на средбите којшто ќе ги имаме со г-ѓа Могерини ќе разговараме за перспективите на Република Македонија. Јас имам и што да побарам од ЕУ, сакам да го испорачам така и на тој состанок, а тоа е секако интересот на граѓаните, да и помогне на државата, да ги убрзаме процесите, да ветиме реформи и слично отприлика тука и ќе се движат темите на разговорот.

Медиуми: Ќе има ли говор во Парламентот бидејќи беше предвиден?

Заев: Не, нема да има говор во Парламентот, заради тоа што Парламентот има една седница започната и незавршена. Логичниот ред на работите беше да се даде мандат да почне да се разговара за сите ресори во Владата, за програма на Влада, но и за Претседател на Собранието. Република Македонија има Собрание, но нема Претседател на Собранието во моментот.

Медиуми: Демонстрантите се веќе упатени кон вашето седиште кој е вашиот став во врска со овие протести последниве денови?

Заев: Правото на протест е граѓанско право, но секогаш како разумен човек и политичар сакам да ја слушнам разумноста на логиката за што се протестира. Република Македонија е мултуетничка земја и ние таква ја имаме наследено од нашите татковци и дедовци, и таква ќе биде во иднина. Република Македонија може да биде посериозно зацврстена во својата унитарност само ако го гледаме аспектот на еднакво општество и квалитетн живот подеднакво за сите граѓани. Јас не ја сфаќам логиката на протестантите, сакам да ги видам кои се барањата и слично. Но она што го имам како лично чувство, а обично чувствата не ме лажат, е тоа дека сите тие што протестираат во суштина се изманипулирани наши граѓани, којшто вусшност го штитат Никола Груевски и бандата околу него, од појавување во судовите во Република Македонија.