Заев во телефонски разговор му ја честиташе победата на Мицотакис

Македонскиот премиер, Зоран Заев, во телефонски разговор со новиот грчки премиер Мицотакис, му ја честиташе победата.

,,Му честитав за победата на изборите и посакав просперитет и благосостојба на нашиот сосед Грција и на грчкиот народ. Заеднички изразивме надеж за продолжување на соработката меѓу Северна Македонија и Грција, во очекување на нашата прва средба како премиери.

Ги потврдив позициите дека Грција е наш стратешки партнер со којшто развиваме соработка и градиме трајно пријателство и изразив благодарност за поддршката којашто од нашиот сосед ја добиваме за членството во НАТО и за почетокот на преговорите со ЕУ.

Во разговорот упатив признание и честитки за успешните демократски избори со кои Грција уште еднаш покажува дека е водечка земја во регионот, како најсилна и најстабилна демократија, долгогодишна членка на ЕУ и НАТО, што придонесува кон стабилноста и развојот на регионот.

Ја користам оваа прилика да упатам голема благодарност до досегашниот премиер на Грција и лидер на Сириза, Ципрас, за соработката со која поставивме темели на трајно пријателство меѓу нашите земји и основа за еден нов Балкан од кој зрачи мир, како и за храброста со која се вложивме заеднички да го решиме спорот кој 27 години ги попречуваше билатерелните односите меѓу нашите држави и народи“-изјави премиерот Заев.