Заев: Вратете се дома и гушнте си ги децата, сте донеле државотворна одлука

Вратете се дома, гушнете си ги децата и знајте дека сте донеле државотворна историска одлука и за вашата земја и за вашите деца, повика претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината во Кратово граѓаните да излезат на 30 септември и да гласаат ЗА на референдумот.

-Овојпат во прашање е што ние може да направиме за државата. Знам дека Кратово, како и цела Македонија ќе донесе вистинска историска одлука За европска Македонија. Ова е неповторлива шанса, порача премиерот Зоран Заев на трибината во Кратово.

-Преку вас да допреме до сите, ова е моја, ваша и нивна Македонија, нема веќе причини, изговори, план Б, Ц. На Македонија и треба економски раст, мора да направи квантен скок, за да се крене стандардот. Македонија мора да носи одлуки. Поради калкуланството изминатите години земјата остана во калта, додека светот стана глобално село, ние во кавги со соседите, никако да донесеме одлука. Оваа одлука што ја донесов не е затоа што Владата и Парламентот застанаа зад мене, туку затоа што знам кој стои зад мене, дека зад мене стои мојот народ, кој сака живот овде во Македонија, додаде премиерот Заев.
Тој ги објасни придобивките од договорот од Преспа, осигурана држава, македонски идентитет и македонски јазик.

-Од Кратово, утре одам во Вашингтон, на состанок со потпретседателот на САД, Пенс. Ваквото пријателство мора да го почитуваме, не смееме да го изневериме, заради нас и нашата држава. Мора на 30. септември сите да излеземе.
Фатете го најмилото во едната рака, во другата рака да ја зграпчите иднината на Македонија, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината во Кратово.

Одлуката на 30 септември ќе ја донесат оние кои ќе излезат да гласаат. Пишуваме историја, а Македонија во клучните моменти никогаш не греши – рече министерката Шекеринска на трибината во Радовиш.

– Не е патриотизам да се удираш во гради, туку да донесеш дома резултат, да донесеш покана за членство во НАТО, патриотизам е да обезбедиш датум за почеток на преговори, патриотизам е да решиш да организираш референдум и да бараш од граѓаните да ти помогнат во одлуката. Патриотизам не е да лажеш за договорот, патриотизам не е да лажеш дека нашиот јазик ќе се изгубел.Патриотизам е да отидеш во Стразбур и пред целиот Европски парламент да говориш на својот македонски мајчин јазик и да добиеш аплаузи на отворена сцена – рече Шекеринска.

Министерката рече дека како што во 2005 Македонија успеа да го обезбеди кандидатскиот статус, денеска обврската и долгот е час поскоро да ја внесеме Македонија во НАТО, што ќе го забрза патот кон Европската Унија. Тоа ќе значи спокоен живот, сигурност и економски просперитет.

– Македонија дневно користи 260 000 евра европски пари. Хрватска како членка на ЕУ врз основа на европските фондови троши 3,3 милиони евра дневно. Не сме толку богати да кажеме дека тие пари не ни требаат- рече Шекеринска.