Заев ги бара гласовите на албанците во дијаспората(видео)

СДСМ во овој момент има 9.270 членови албанци од вкупно 70.000 колку што има оваа партија-откри претседателот на партијата Зоран Заев кој неодамна, на 11-ти ноември, обраќајќи се пред иселеници од Македонија со албанско етничко потекло, кои живеат и работата во Берн- Швајцарија, ги повика да гласаат и таму, но и масовно да дојдат на денот на изборите во земјата од каде потекнуваат.

Ова е историска шанса да урнеме режим, кој подеднакво ги крадел парите и гласовите и на албанците и на македонците, – рече Заев. Тој кажа дека првпат политичар македонец се залага за целосна рамноправност на сите нејзини граѓани без оглед на етничка или верска припадност, бидејќи мора сите да ја чувствуваат Македонија како своја земја.

Лидерот на СДСМ подеднакво ги критикуваше и ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, а нивната соработка ја нарече ,,модерна хибридна мафија”.

Зоран Заев пред неколку дена ја посети и македонската дијаспора во Швајцарија, а средбата со албанската дијаспора беше во организација на порталот Aлбинфо од Швајцарија.

Овој говор на Заев деновиве е експлоатиран и спинуван од провладините медиуми во негативна конотација. Порталот Novatv.mk вчера објави истражувачка приказна со загрижувачки податоци дека во очи изборите се прави хајка и извртување на изјавите на лидерот на опозицијата, конкретно на неговата средба со албанската дијаспора во Швајцарија.

Според откритието на поратлот, по принципот на велешките спинери кои со лажни профили и портали печалеа, но и одработуваа за кампањата на Трамп измислувајќи лажни негативни вести за Хилари Клинтон, сега основачи на лажни портали во Хрватска, но со седиште на ул Васил Ѓоргов во скопски Капиштец, почнале да шират таква пропаганда надвор од Македонија. Овие спинувани вести потоа ги цитираат провладините портали во нашата земја, пишува порталот Нова.

Новоформираниот ,,хрватски,, портал alo.com.hr преку лица задолжени за негово администрирање, водат до името на Филип Петровски, актуелен директор на Архив на Македонија, но исто така сопственик на порталот puls24.mk.

Инаку, на средбата со албанската дијаспора во Берн, покрај Заев, присуствуваше и претседателот на Движење за реформи во ДПА Зијадин Села и Андреас Грос, поранешен европратеник од Швајцарија.