Заев ги информирал амбасадорите дека може да обезбеди стабилно мнозинство во Парламент

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска се сретна со амбасадорите на Р.Германија, Кристине Д. Алтхаузер, на Кралството Шведска, Матс Стафансон и на Р.Полска,Јацек Мултановски во Р.Македонијa-известуваат од СДСМ.

Констатирано е дека интерес на граѓаните и на Република Македонија е да добие стабилна Влада која ќе се насочи веднаш кон потребните реформи и кон евро-атлантските процеси.

-Македонија мора да оди напред. Јасна е од изборите мнозинската волја на граѓаните за промени. Затоа побаравме од Ѓорге Иванов, граѓаните и Македонија да не губат повеќе време, да постапи според Уставот и да ми го додели мандатот за формирање нова Влада. Ние очекуваме дека ќе го формираме новото парламентарно мнозинство, со што ќе обезбедиме стабилна реформска Влада, како што одлучија граѓаните, рече претседателот Заев.

Претседателот Заев ги информираше амбасадорите за разговорите со партиите на Албанците, како и за основата на Платформата на СДСМ согласно Договорот од Пржино и забелешките нотирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија.

-Граѓаните гласаа за квалитетен живот и за перспективна Македонија. Клучот за тоа е што побрзо да се формира новото парламентарно мнозинство. Секоја друга опција значи непотребно враќање на процесите назад, што ќе одземе време, а ништо нема да смени бидејки граѓаните се одлучни и демократските промени се незапирливи, рекол Заев на средбата со амбасадорите Алтхаузер, Стафансон и Мултановски.