Заев изрази жалење за негативните чувства по вчерашното интервју и вели ,,дајте да живееме денеска“

Ви го пренесуваме целосниот одговор на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на прашање поврзано со интервјуто дадено за еден бугарски медиум:

,,Дозволете најпрво да изразам жалење што моето интервју за бугарскиот медиум предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детал.

Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. 

И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. 

Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. 

Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите.

Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот.

Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.

АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет.

Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст. 

Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа. 

Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу „македонското прашање“. 

Денес треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои сѐ уште се чувствуваат меѓу Северна Македонија и Бугарија. 

Историјата треба да нѐ учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас.

Само со почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.

Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост.

Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“-вели премиерот Заев во писмената изјава објавена на владиниот сајт.