Заев: Им простувам на сите, но јас не сум судија и не се мешам во процесите на правосудството(видео)

Зоран Заев , кој вчера сведочеше во судскиот процес за организираниот упад и напад на Собранието на 27 април минатата година, и покрај заканите од еден од обвинетите во вкрстеното испрашување, доцна синиоќа по излегувањето од судница рече дека им простува на сите:

– Јас сум верник, граѓанин, и мене и верата и родителите мои ме учеле да простувам и сакам да простувам, заради тоа што Македонија има потреба од помирување има потреба од подавање рака. Македонија има потреба толку колку што ни е голема „фала му на Господ добро“ тоа да биде поздружена, да биде попозитивна, и да гледа напред. Но, јас сум само Зоран Заев. Јас не сум ниту обвинител ниту судија, ниту имам право да се мешам во процесите на македонското правосудство, јас го кажав само она што го носам во мојата душа-рече Заев.

Имено, во судницата, Заев го препозна Игор Југ, еден од обвинетите кој носеше пиштол за време на упадот во прес салата и тепањето на пратениците, но рече дека веројатно немал храброст да пука. На ова обвинетиот му реплицираше и рече да му дадат уште една шанса, па да види дека има храброст. Судијката Добрила Кацарска го опомена и рече дека тој си дозволува да се заканува во судница и дека тоа ќе го има предвид во иднина.

,,Веројатно како и секој нормален човек што би се чувствувал така и јас, непријатно е чувството. Но секако е обврска како секој граѓанин повикан да сведочи, да дојде и да го изврши тоа што му е граѓанска должност. Јас бев повикан да сведочам, дојдов и сведочев, и секако немам нешто посебно да додадам или да одземам во тој дел. Заради тоа што не им е лесно на овие луѓе внатре коишто се обвинети и не би сакал јас дополнително да додавам нешто“-рече Заев одговарајќи на парашањето дали е непријатно чувството да се соочи со тие што сакале да го убијат.

Заев се надева дека истрагата ќе утврди кои биле организаторите и нарачатели на нападот врз него и другите пратеници:

– Тоа е обврска на истрагата, веројатно можеби судскиот процес ќе утврди. Како и сите граѓани така и јас чекам разрешница на овој случај. Ако има докази за таа работа веројатно тоа ќе се утврди а ако нема докази веројатно ќе се продолжи со истрагата. Јас не можам да кажам ништо околу тоа повеќе што стварно таму го кажав, на сите прашања и на обвинителот и на одбраната и на Судот“-рече Заев.

Заев потенцираше дека изборот на Џафери минатата година на денот на организираниот напад на Собранието, е законски и не било смислена провокација:

– Само јас да ја потсетам јавноста во тој дел. Да не ги враќаме громорозните слики назад, триесет и неколку дена Собранието беше блокирано. Собранието донесе одлука согласно Уств, Закон и Деловник кој со мнозинството од пратениците избраа Претседател којшто понатаму прилично се очекуваше да биде објавен во Службен Весник. Таа е процедурата на се, тоа се случи во единственото возможно време кога тоа може да се случи. Дебатата дали требала за време на паузата на Парламент да се направи или не е секако излишна заради тоа што со Деловник, паузата деловничка е пауза за пратениците за одмор и ручек. И ако тогаш секако Парламентот работи и гласа тоа може да биде апсолутно неделовнички. Односно со Деловник утврдена пауза не може да ја користите за носење на одлуки и тука апсолутно немаше никакви дилеми дека единственото возможно време е кога завршуваат редовните седници на Парламентот , на пленумот, а тоа е 18.00 часот, а пратениците во мнозинство имаат целосно Деловничко право да продолжат. Тоа се случува и до ден денеска да Парламентот работи после 18.00 часот. Така, мнозинството одлучи да продолжи после 18.00 часот, и донесе легитимна и деловничка, законска и уставна  одлука за избор на Претседател на Собранието-рече Заев.