Заев и Зекири повикаа од Куманово граѓаните во недела да заокружат број 4

 Лидерот на СДСМ Зоран Заев и кандидатите за пратеници Мухамед Зекири, Оливер Спасовски, Максим Димитриевски и Фросина Ременски од плоштадот во Куманови ги повикаа сите граѓани кои сакаат промени и просперите во недела да го заокружат бројот 4. Тие ги  поздравија кумановци и порачаа дека за пет дена победуваат. Заев рече дека Куманово, една деценија е заборавено од централната власт и вети дека кога ќе ја преземат власта се ќе надоместат.

– Куманово секогаш беше симбол на соживотот. Се гордеам со вас заради сплотеноста, заради соживотот. Сакам да изразам почит за тоа што го направивте за Македонија на 9 и 10 мај 2015 година. Ова единство и сплотеност, додаде, е нашата енергија, иднина и успех – рече Заев.

Тој и оттука вети дека ќе се дознае и расветли целата вистина за Дива населба и тоа преку меѓународна истрага.

Вака сплотени ќе му докажеме на целиот свет дека силата и успехот се во единството,  во сплотеноста, во здруженоста, во еднаквоста, во рамноправноста.Ниту еден Албанец не побарал федерализација, туку го бара она што го бара секој граѓанин на Македонија – пари за семејствата, работни места, чесна плата, добро образование, здравство, заеднички живот во Македонија.- рече лидерот на СДСМ.

– Ние сме различни од нив и ќе бидеме различни. Барам поддршка да му покажеме на светот дека оваа земја може да оди рамо до рамо со целиот развиен западен свет, затоа што можеме да работиме достоинствено и достоинствено да сработиме – рече Заев.

Од митингот на СДСМ во Куманово беше порачано дека тука ќе победат со голема разлика.