Заев: На 11-ти декември граничната полиција да внимава да не избега некој

На митингот во Охрид лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека ќе освојат 5 до 10 пратенички мандати повеќе од политичкиот ривал и најави расветлување на сите криминали на раководството на ВМРО ДПМНЕ.

– Слушам, купувале пасоши. Зошто им се? Ја предупредувам граничната полиција на 11 декември да гледа кој ќе бега. Ветив и ќе остварам, сите кои се огрешиле, ќе одговараат, не само што ќе одговараат, туку и парите ќе ги вратат – рече Заев.

Тој најави откривање на вистината за повеќе случаи.

– Не можеме да бидеме нормална земја ако не знаеме кој ги уби Никола Младенов, Мартин Нешковски и четирите деца кај Смилковско Езеро. Ветувам дека ќе биде откриена вистината за Дива населба. Во Македонија мора да има правда – рече Заев.

Тој повтори дека парите што ги украдоа ќе бидат вратени, а во Скопје на Триумфалната порта ќе стои бројчаник на кој ќе врти за секое евро, секоја пара што ќе биде вратена.

На охриѓани им зборуваше и за туризмот и за концептот што го предлага СДСМ.

– Ќе развиваме вистински туризам. Ќе го вратиме одморот на работниците во текстилната индустрија ќе им го финасираме со 30 до 50 отсто доколку скаат да одмораат во хотели во наште туристички места. Со тоа ќе го поддржиме туризмот во Охрид – рече Заев.