Заев: На 11-ти декември лексилиум без пари за Груевски

,,Овде во Тиквешијата, во Неготино и Кавадарци ќе добие таков тежок удар што во ушите ќе му оддекне силно, а ако се прашувате зошто, заради тоа што ја понижи цела Македонија, го уништи целосно достоинството на земјоделецот, ги погази своите луѓе, да висат пред откупни пунктови и винарии, овој наш вреден народ кој со труд и пот дал производство, рече лидерот на СДСМ и носител на 4 ИЕ Зоран Заев, обраќајќи му се на својот ривал Никола Груевски, на изборен митинг од срцето на Тиквешијата.

Заев посочи дека иако цела Македонија го молела Груевски да интервенира и да направи нешто за нашиот народ,тој не направил ништо, па дури и не го посетил Неготино во екот на проблемите со откупот на грозјето, порачувајќи му дека народот силно ќе го казни на 11 декември.

-„Во оваа наша изборна единица ќе го имаме најголемото изненадување, овој наш земјоделски крај и оваа најземјоделска изборна единица долго време беа перјаница на Груевски, во глобална побарувачка и недостаток на храна, ова што се случува е исклучиво од забеганоста и аздисаноста на оваа криминална банда која што ја упропасти државата.Затоа нема да има гласови за Груевски во 4 изборна единица, знаете дека и тетка Нада, мајка му не може да го гласа зашто гласа во Скопје. Најинтересно е што и Груевски нема да си гласа сам за себе, бегајќи од Скопје каде и таму двојно ќе го победиме. Бега,бега и оп дојде на наш терен. Ќе шутираме, на 11 декември ќе шутираме за Македонија“,порача Заев.

Носителот на листата во 4 ИЕ вети дека државата преку новата влада која ќе ја води тој, ќе гарантира откуп и цена на грозјето.

-„Уште на пролет помеѓу свети Трифун кога се зарежува лозјето до мај ќе ја објавиме цената и на белото и на црното грозје, да знаете однапред по која цена ќе ви биде платен родот, а таа истата држава ќе излезе на крај со откупувачите и ако треба некој да губи поради промени во пазарот ќе губи државата, а не народот, а веќе размислуваме по ваши сугестии и за можности да ја откупиме ракијата која што ја правите дома. Го знаете какво беше ВМРО пред избори, грмеше насекаде, полни штабови,трубеа на сите страни, каде се сега, засрамени, знаат и нивните активисти крајот е дојден“, рече Заев.

Според него, во следниот период, човекот ќе биде центар на светот, а владата ќе постои единствено за него.

-„Овие години со лажен патриотизам ни се испразни државата, станавме лексилиум држава, хелекс држава, дијазепам држава. Ова повеќе не може да се издржи никаде па и во Македонија затоа на 11 декември ние граѓаните ќе му го препишеме лекот без пари на Груевски. Доста е за криминалите кои ги има направено во Македонија, конечно се ќе вратиме назад.Јас сум Зоран Заев што маваше со бомбите директно во чело на владата.Некои зборуваа дали сум луд или сум многу храбар, јас не соопштив ништо посебно од тоа што го чувствувате секој ден, вие знаете се, бомбите само тоа го потврдија. Ве предизвикувам сите,време е да и помогнеме на Македонија имаме режим кој ја окупира државата ајде сите да бидеме совесни чеда, дојде време во 21 век да се бориме за слобода и демократија“,рече Заев, и повика масовно да гласаат за СДСМ и коалицијата.