Заев: Неприфатлива е коалиција со човек кој бил носител на режим

Во интервју за  телевизијата Ал Џезира лидерот на СДСМ Зоран Заев ја отфрли понудата на Груевски за некаква широка коалиција, поддршка, малцинска влада, преговарање за документ за излез од кризата. Тој рече:

– Не може за никого на светот, па ни за нас да биде прифатливо човек кој бил носител на режим и кој ја предизвика кризата, кој прислушуваше десетици илјади граѓани, затвораше новинари, опозиционери и други невини луѓе, кој е осомничен за финансиски криминал, најголем во поновата историја на Македонија да биде решение за кризата. Времето за било какви документи за излез од криза и преговарање за нив е завршено. Само програмата на новата Влада е решение. Тој ќе се соочи со документи и докази за криминалите направени во негово време, но тоа е работа на независните институции. Единствено решение е да дозволи мирен, демократски трансфер на власта, бидејќи со кочењето на процесите ја турка Македонија во немило сценарио. Време е после 10 години да бидат конструктивна опозиција со која сакаме да соработуваме, но само така можеме да ги туркаме процесите за граѓаните и иднината на нашата земја. Остануваме во институциите, треба да се формира нова влада и ВМРО-ДПМНЕ треба да оди во опозиција. Да се зборува дека Македонија ќе биде уништена затоа што тој нема да е на власт, тоа е далеку од здрав разум – рече Заев во интервју за Ал Џезира.