Заев не ги дава своите функционери, биле незаменливи

„Нема да побарам сигурно оставки затоа што се повлекоа. Прво, не го кршат ниту законот, зашто да побараме оставки? Ако така ние бараме оставки, после ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“, рече премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Ова е денешниот став и одговор на премиерот Зоран Заев на прашањето на  Алсат М, дали ќе побара морална и политичка одговорност од функционерите кои конкурираа за пари од Фондот за иновации вреден 10 милиони евра, но и за оние функционери чии фирми аплицираа за добивање државна помош. Заев тврди дека сè било транспарентно и смета оти фирми на владините и партиските функционери ќе бидат обесправени поради тоа што повеќе нема да можат да учествуваат на државни тендери само поради етички причини.

„Мене ми требаат овие функционери, јас работам со нив, ги знам нивните капацитети и ми е драго што вака реагираат да се повлечат од такви апликации за да остават фер шанса при одлучувањето на сите други компании во Македонија“, вели Заев.