Заев: Опозицијата да има мандат ќе го предложи Никола Груевски за Јавен обвинител

Премиерот Зоран заев денеска одговараша на пратенички прашања. Не се согласува опозицијата да биде таа што ќе го предлага Јавниот обвинител. Во новото законско решение за Јавно обвинителство не е предвидено Јавниот обвинител да биде предложен од опозицијата, туку тој ќе се избира од фелата.

Премиерот Заев рече дека очекува Парламентот да ги запази сите рокови и овие денови да има изјаснување по законското решение, кое што е компромис со барањата на опозицијата.

– Во него е прифатен предлогот на опозицијата, се спојува СЈО со постојното ЈО за организиран криминал и корупција, како што беше барано. Се нотираат нивните заложби за рокот – 30 јули 2017 година за употреба на неовластените прислушни материјали што е сериозна придобивка. Има принципиелност во изборот и реизборот на обвинителите кои се дел од СЈО, а ќе бидат дел од новото ЈО, еднаквост со сите други обвинители, со крај на мандатот – 15 септември 2020 година. Јавно обвинителскиот систем преку Советот на обвинители, а не политичарите, ги бира обвинителите.  Ова е решение кое што `не приближува, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, рече дека ако законот не се донесе, тоа нема да значи дека СЈО ќе престане со работа, а ќе упати на попречување на владеењето на правото и правната држава.

– Ако и покрај ваквото решение не се најде одлука, секој ќе си ја носи својата одговорност. СЈО има мандат до 15. септември 2020 година, со закон изгласан со консензус е делегиран тој мандат и ќе функционира. Конечно овој закон да го изгласаме! Земјата ќе добие одлука за почеток на преговорите. Но, ова решение е пола од правосудството – зошто не е донесено, да не оставиме простор. Освен ако некој нешто штити, заради одредени причини, рече премиерот Заев кој додаде дека донесувањето на Законот за јавно обвинителство е одговорност и на власта и на опозицијата, рече премиерот Заев.

Тој го коментираше и  предлогот на опозицијата за прв човек на новото јавно обвинителство.

Не гледам дека на опозицијата треба да и се остави да даде предлози. За шеф на ЈО да го предложите Владимир Панчевски, човек кој буквално во целиот негов мандат го злоупотребувал законот, системот на распределба на предметите и ги давал предметите на стриктно избрани судии, за да нема правда во државата, човек кој има вакво минато, Судскиот совет тоа го утврдува и ја носи санкцијата – и сега тој да биде?! Ако им дадам да го предлагаат јавниот обвинител ќе го предложат мислам Никола Груевски, рече премиерот Заев.

Тој изрази сомнежи за блокирање на правдата.

-`Сѐ што се прави во моментов, посебно видливо преку овој закон, е да се блокира правдата. Вака не можеме да се бориме за правната држава и владеењето на правдата. Законот не може да не важи еднакво да важи за сите, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека решенијата во Законот за јавно обвинителство се во духот на помирувањето, правната држава и европската и евроатлантската иднина на државата и соопшти очекувања што ќе се случи ако законот не биде изгласан.

– СЈО ќе има иднина затоа што има процеси, тоа има мандат и секако, таму каде што постојат докази, може некој да мечтае дека нема да заврши. Ако постојат докази, никој да не негува лажна надеж дека ќе биде слободен. Ако има докази секој треба да одговара. Ќе си одлежи казна затвор секој кој се огрешил по законот. Само така ќе ги учиме младите и новите генерации дека живеат во нормална земја, вредна за живеење овде, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев испрати порака дека процесите во државата се така поставени во државата, што секој кој се огрешил пред законите ќе одговара, алудирајќи и на актуелен предмет за којшто се води истрага.

– До каде и да стигне оваа истрага нека стигне, да одговара секој кој се вмешал или направил кривично дело. Не смее да има резерви за никој, рече премиерот Заев.
Тој повика, ако кој било пратеник има сепак некакви индиции за противзаконски активности од страна на некого, истото да го соопштат јавно, на прес конференција, за да може да има правна разврска ако е потребно, како и да го пријават до надлежните органи, за тие да можат соодветно да постапуваат.