Заев побара судењето за ,,Поткуп” да се одложи по изборите

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дојде на закажаното судење за случајот наречен „Поткуп“, но сам без неговите адвокати кои не се појавија, па судењето се одложи за втори декември.

Двајца од адвокатите своето отсуство го оправдаа со болест, а за адвокатот Ване Андреев беше речено дека иако  е на пат кон Скопје, од објективни причини не ќе може да пристигне на време.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска, како претседател на Судечкиот совет, ги прифати оправдувањата, но наредното рочиште го закажа за втори следниот месец.

„Го замолувам судот, со оглед на тоа што јас сум политичар и сум во изборна кампања, доколку е можно судењето да го презакажете после изборите. Немам ништо против судењето да се одржи и на 12. декември. На втори декември сум во Дојран, Валандово, Богданци, а во вечерните часови во Охрид и во Струга“ рече Зоран Заев пред судот, но судијата остана на веќе донесена одлука судењето да продолжи на втори декември.

На судското рочиште се појави и сведокот Иван Николов кој тајно го снимаше Зоран Заев во неговиот кабинет. Врз основа на неговата снимка тој беше обвинет за примање поткуп од 154.000 евра. Заев, наводно, за оваа сума требало да издејствува приватизација на градежно земјиште со површина од 100.000 квадратни метри, а парите ги барал за црква и за некои активности на неговиот брат.

Заев ги демантира обвинувањата, а одбраната во неколку наврати информира дека снимките се набавени нелегално и немаат правна тежина.

Фото-Макфакс