Заев: СДСМ е фаворит на претстојните парламентарни избори

Во пресрет на изборите на 12 април идната година, ЦО на СДСМ ги почна подготовките.

Претседателот Зоран Заев на седницата рече дека СДСМ е фаворит согласно анкетите, но и теренските активности и партијата подготвена ќе влезе во изборниот процес.

-Го засиливме присуството на терен, меѓу граѓаните. Само во летниот период одржавме над 600 маалски и урбани средби, во тек се трибините кои граѓаните силно ги поддржуваат. Имаме што да кажаме затоа што имаме сработено многу во сите сегменти. Даваме отчет пред граѓаните за сработеното но и креираме нови политика. Масовноста на овие трибини и настани на СДСМ како и сите релевантни анкети потврдуваат, СДСМ е фаворит на изборите кои ќе се одржат на 12 април, рече претседателот Зоран Заев пред членовите на ЦО.

Централниот одбор заклучи дека клучните столбови од Програмата на СДСМ за само 2.5 години се реализирани и дека тоа е вистинскиот пат по којшто треба да се движи државата.

За само 2.5 години решени се најголемите наследени проблеми, економијата од негатива од -1.8% сега има раст од 4.1%, воведени се серија на мерки кои ги покачија просечните плати за 2 илјади денари, минималната плата за 5.500 денари, невработеноста е намалена на рекордни 17,5%, создадени се над 54 илјади нови работни места најмногу во приватниот сектор, инвестициите се најголеми од независноста, социјалната помош е зголемена за 300 проценти, земјава се врати на евро-интеграцискиот пат, остварена е стратешката цел за членство во НАТО…

Наша цел е новата изборна програма да произлезе од граѓаните и нивните потреби. Во таа насока сите коментари, забелешки и сугестии што ги добивме на маалските и урбаните средби, на трибините и средбите со граѓаните ги процесираме преку надлежните партиски Комисии во решенија кои ќе бидат втемелени во новата програма. 

Дефинирани се и други канали преку кои што граѓаните ќе може да ги достават своите предлози до општинските организации но и до централата на СДСМ. 

Партиските комисии веќе започнаа процес на подготовка на новата изборна програма на СДСМ која ќе понуди реални, остварливи и суштински мерки и политики во интерес на граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ.

Извор : СДСМ