Заев: Секој ден ќе ја повикувам опозицијата да избереме заедничка иднина (видео)

Премиерот Зоран Заев, од Битола, кадешто присуствуваше на прославата по повод поканите за членство во ЕУ и НАТО, упати повик за заедничака иднина:

,,Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи.

Концертите вечерва се покана за обединување, со сите наши политички разлики, околу остварените стратешки цели на нашата земја – Членството во ЕУ и во НАТО.

Ова се настани што ни се дадени и заслужени и за нешто друго: Да го испратиме во историјата, да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот! Зашто секој успех е успех за сите нас. За секој граѓанин.

Зашто тоа што го направи Македонија за само една година е успех на сите нас. Без разлика на политичката определба.

Имаме зошто да славиме и да се издигнеме над делбите.

Сега како никогаш досега да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам: Денеска силите што не делат – не се толку силни како силите што не обединуваат!

Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО.

Тоа се силите што ни ја отворија иднината.

Ги повикувам сите граѓани, САМИ да си одговорат на прашањето: Каде бевме пред една година, каде сме денес?

Македонија е слободна земја. Секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Ја повикувам уште еднаш, и ќе ја повикувам опозицијата отсега натаму секој ден: Ајде да ја избереме македонската иднина! Нашата заедничка иднина. Ајде да престане сеењето омраза.

Да се издигнеме над делбите и разликите.

Заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите и на следните генерации“-рече Заев.

Беа одржани прослави во 15 градови со настапи на музички групи, а некои од нив, како на пример Љубојна во Струмица, непосредно пред настапот го откажаа учеството.

Членови на Левица пак, во Скопје, истакнаа транспаренти против членството во НАТО. Тие се пожалија дека нивна активистка, наводно, била нападната од присутен на настанот.