Заев: 69 пратеници стојат зад процедурата за завршување на блокадата на Собрание

 

– Имавме доволно трпение 31-ви ден е, нема субвенции, ќе нема плати, ќе застанат институциите. Полека ги најавуваме чекорите. Имаме обврска сите ние во овој парламент да ја почитуваме граѓанската волја и да овозможиме Македонија да оди напред. Бегање од одговорност нема, амнестија нема. Законот ќе биде еднаков за сите. Ќе се оди на суд колку што треба – порача Заев.

Државен интерес број еден е да се одблокираат институциите. Ја преземаме обврската да ги одблокираме процесите, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на прес конференција во Собранието на Македонија.

Тој порача дека мнозинството нема да дозволи Трајко Вељаноски да го крши деловникот и да продолжи да ги блокира институциите.

Тој го оцени како будалаштина ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека мнозинството подготвува државен удар.

– Лага е дека ќе се менува Устав и дека ќе се носат закони спротивно на Уставот, лага е дека ќе има федерализација и дека ќе се менува уставното име и идентитенот на Македонија, лага е дека ќе мора да се учи албански јазик во Штип… Никој не барал нешто надвор од Уставот. Националистичкиот концепт нема иднина во Македонија, туку концептот на едно општество за сите. Она што беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ беше прифатено и од нас, освен работата на СЈО, која ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати. Ништо повеќе нема да зависи од поединци. Ниту од Никола Груевски, ниту од Зоран Заев, Али Ахмети – додаде Заев.

Тој нагласи дека нема да дозволат провокации и рече дека ова што го прави Груевски е изживување со граѓаните и со мнозинството во Собрание.