Закажано масовно ,,оставање на трето дете“ пред Влада

Неформална ФБ група започна кампања за ,,масовно оставање на трето дете пред Влада“.

,,Оставањето“ е закажано за 11 ноември од 11 часот до 16 попладне.

,,Поради укинување на мерката додаток за трето дете, настанот е организиран со цел да им се помогне на оние кои не можат да се снајдат со проблемот ,,каде да го остават своето трето дете“-стои во ироничната покана на овој настан закажан на ФБ.

Во ироничен продолжуваат:

*НАПОМЕНА*
-Без лажење, знаеме кое ви е второ дете и прво
-Без манипулации, да го донесете на комшијата иако личи на вас
-Без лажни вести околу овој настан

Оваа иронична реакција на социјалните мрежи осамна по најавата на владата дека ќе се укине додатокот за трето дете.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, објасни дека по направените анализи, утврдено е дека мерката не ја остварила својата цел, а додатокот во принцип го добиваат и семејствата кои немаат финансиски проблеми, па поради тоа средствата не се распределни праведно на социјално загрозените кои имаат потреба од ваква помош.

Таа појасни дека ако се следи оваа мерка во десетте години, се гледа дека не дала никаков ефект.

– Парите сме ги потрошиле и сме ги пуштиле во еден бунар затоа што во 2001 година наталитетот во Македонија бил 13,3, а во 2016 година тој изнесува 11,1 отсто, што значи дека таа инвестиција ниту е одржлива, ниту е исплатлива. Детската сиромаштија во Македониај е над 30 отсто. Ние сме инвестирале во семејства кои не се во социјален ризик и деца кои не се загрозени. Токму таа мерка никако немаше лимит. Секое семејство, и она кое има 200.000 денари плата и она кое има нула приход можеа да ја остварат оваа мерка. И со тоа се создава една неправедност, рече Царовска.

Висината на правото на родителски додаток за дете (за трето дете) за 2018 година е во износ од 8.362,00 денари.

На овој линк може да ги прочитате условите за стекнување на право за оваа помош.