Закажан процесот за ,,Тврдина”

 

На 28 ноември во 11 и 30 треба да се одржи првото рочиште за предметот оформен од СЈО за фалсификување службена исправа, познат како ,,Тврдина”. Предметот останува кај судија, кој инаку се спомнува како инволвирано лице во дел од разговорите од Бомбите.

Судечкиот судија кај кого беше распореден обвинителниот предлог наОбвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) против 7 лица осомничени закривичното дело „Фалсификување на службена исправа“, закажа рочиште за 28.11.2016 година во 11:30 часот за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог -се вели во известувањето од судот .

Инаку, веднаш по поднесување на обвинителниот предлог, СЈО поднесе и барање за изземање на надлежниот судија, што во законски утврдениот рок беше одбиено од претседателот на судот, по што СЈО поднесе и жалба до Апелациониот суд Скопје, но и повисокиот  суд одби да го изземе судијата.

Предметот под име „Тврдина“ се однесува на незаконска постапка за уништување на опрема за следење на комуникациите, поточно два технички системи. И покрај тоа што опремата не била технички застарена и била функционална, била уништена.

Како сложен предмет, во кој осомничените функционирале како мрежа на наредбодавци и извршители на незаконското уништување на опрема на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите, Специјалното јавно обвинителство водеше истражна постапка која се води против пет лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и во Министерството за внатрешни работи.

„Во овој предмет осомничени се двајца началници на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и министерката за внатрешни работи, кои, во првата половина од 2015 година, со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла, помогнати од осомничениот началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и на Буџетот на Република Македонија во износ од 10 милиони евра“, рече обвинителката Ленче Ристоска неодамна кога го презентираше предметот на прес конференција.

Дејствијата започнале во март 2015 година откако Основниот суд Скопје 1 донел правосилна судска пресуда во случајот „Пуч“ против обвинетиот, вработен во МВР, кој се спогодил со Судот. Во пресудата е наведено дека незаконското следење на комуникациите е вршено преку искористување на уредите за прислушување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при Министерството за внатрешни работи.

Првоосомничениот, заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите при УБК, издал усна наредба до раководните лица на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно-техничка поддршка на операции за доставување на Известување за состојба на материјално-технички средства во Управата за безбедност и контраразузнавање. Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од уништување на системите за следење на комуникации, иако, во согласност со Извештајот од пописот за 2014 година, не е констатирана потреба од расходување на средства или системи по која било основа.

За таа цел, била формирана Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување поради техничка застареност и нефункционалност на системите. Комисијата доставила предлог за уништување на опремата, без да биде наведено за каква опрема станува збор, до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР кој го вратил предлогот на доработка, но првоосомничениот не постапил по барањето на Секторот за дополнување на извештајот.

 

 

Опремата и двата системи за следење на комуникациите биле уништени на отпад за старо железо, при што логистичка поддршка за уништувањето обезбедил четвртообвинетиот. Откако опремата била уништена на отпадот, оттаму, по налог на првоосомничениот, била пренесена на друг отпад со цел да биде целосно уништена.

Иако имало фото- и видеодокументација од целиот настан, таа била уништена од страна на четвртоосомничениот со цел да бидат прикриени трагите, а подоцна било побарано и целосно бришење на уништената опрема и на системите од листите на задолжување на УБК.

 

Инаку, денеска Основен суд одби да издаде мерка на претпазливост за Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, кој повторно беше неколку часа на распит.