Законот за СЈО и за заштита на сведоци пред пратениците

На утрешната седница на Собрание на РМ, пратениците ќе ги разгледуваат предлог измените на законите за Специјалното јавно обвинителство и за заштитените сведоци, поднесени од пратеничката група на СДСМ. Ова е договорено на денешната координација на шефовите на пратеничките групи со Претседателот на Собранието, Вељаноски.

Во петок, СДСМ побара итна седница и ги достави предлог измените, изработени според предлозите на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за продолжување на рокот за подигнување обвинение, кој сега е ограничен на 18 месеци и допрецизирање на постапката за заштита на сведоците.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека нема да прифатат разгледување на какво било барање и предлог што е надвор од Законот за Специјалното јавно обвинителство, утврден од четирите партии согласно со договорот од Пржино.

ДУИ минатата недела најави дека ќе ги прифати барањата што ќе ги испорача СЈО.