Запалена гаражата на новинарот на порталот „Публикум“ Зоран Милошески

Синоќа околу 23 часот, непознати сторители ја полиле со бензин и ја запалиле гаражата на новинарот и сопственик на порталот ПУБЛИКУМ со седиште во Прилеп, Зоран Милошески.

Пожарот го забележал Ивица Ангелески, станар на соседната зграда, чиј автомобил бил паркиран непосредно пред гаражата на Милошески. Според сведочењето на Ангелески, вниманието му го привлекле огромниот пламен кој се издигнал во висина од неколку метри и светлината која произлегла од него. Тој веднаш се симнал од станот, се јавил во Полициската станица (ПС) од општа надлежност – Прилеп и со снег го гаснел огнот кој започнал од вратата на гаражата во која се наоѓал автомобилот марка „Сузуки свифт“, сопственост на новинарот Милошески.

Откако го изгаснал пожарот, Ангелески отишол кај Милошески и го известил за немилиот настан. Петнаесетина минути подоцна пристигнала екипа на ПС Прилеп, која заедно со инспектори од крим техника извршила увид на местото на настанот-известува Публикум.

Според првичните неофицијални сознанија, пожарот е настанат откако стирителите со бензин ја полиле и веднаш потоа ја запалиле вратата на гаражата. Освен што навремената реакција на Ангелески спречила пламените јазици да го зафатат автомобилот, неговата интервенција спречила огнот да се прошири на соседните објекти во кои се наоѓале опасни и запаливи материјали.

Од МВР – ПС Прилеп велат дека работат на случајот и се очекува во текот на следните денови да излезат во јавност со конкретни податоци.

Новинарот Милошески, кој истовремено е долгогодишен дописник на неделникот „ФОКУС“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“, важи за жесток критичар на актуелната власт.