Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседател на Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев, присуствуваа на одбележување на отпочнувањето на градежните активности  на мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во Скопје.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање истакна:

,,Ми претставува посебна чест денеска да присуствувам на официјализирањето на стартот на работите големиот мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во главниот град на Република Македонија, чија вредност се проценува на над 250 милиони евра.

Задоволството е уште поголемо ако се знае дека инвеститор на овој, слободно можам да кажам, импозантен градежен зафат и објект е компанијата Лимак Холдинг.

Светски реномирана компанија со седиште во Турција, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.

Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати.

Влегувањето на Лимак Холдингс во портфолиото на странските инвеститори кај нас, како една од компанија која ги спојува технички вештини и долгогодишно искуство, со општествена одговорност и деловна етика, бездруго ќе биде фактор што ќе ги поттикне сите потенцијални инвеститори да дојдат побргу во нашата земја.

Лимак Дајмонд од повеќе аспекти ќе го промени нашиот град на подобро. Станува збор за современ мултифункционален комплекс кој ќе обединува деловно – резиденцијални единици, хотелски комплекс и трговски центар во согласност со модерните потреби и навики на граѓаните на Скопје.

Во комплексот автентично ќе се вклопи и симболот на градот – Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје, кој ќе биде возобновен и со поддршка на Град Скопје.

Паралелно со овие активности, Лимак Холдингс ја стартуваше изведбата на подземниот булевар, кој се планира да биде завршен за период од 22 месеци. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, кој ќе го  дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.

Потфат достоен за почит.

Турција е во редот на првите десет трговски партнери на Македонија. Можеме повеќе и подобро и ќе го докажеме тоа.

Во 2017 година трговијата достигна 456 милиони долари, од коишто извозот е 89 милиони долари, додека увозот 367 милиони долари.

Нашата цел е, низ заедничка посветеност, трговијата да достигне минимум една милијарда долари.

Инвеститорите во Македонија имаат искрен и отворен партнер во Владата, што се грижи за стабилно и предвидливо деловно опкружување.

Создадовме нов модел за привлекување странски инвестиции, што е транспарентен. Нашата определба е тој модел да биде низ јавно објавени критериуми. Условите да бидат исти за странските и домашните компании.

Го поддржуваме поврзување меѓу странските и домашните компании. За економски бенефит, за развој и за подобри услови во остварувањето на бизнисот и на едните и на другите.

Потврда на нашите новите, активни и ефикасни политики и политиките на доверба што се наша водилка во соработката, е и стартот на работите на овој мега проект на една реномирана странска компанија каква што е Лимак Холдингс.

Уште еднаш, ви благодарам за довербата и ви посакувам успешна реализација на вашиот проект кој наскоро ќе биде едно од најатрактивните места во главниот град на нашата земја“-рече Премиерот.

На свеченоста по повод одбележувањето на градежните активности на мултифункционален станбено-деловен комплекс Лимак Дајмонд во Скопје, свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев, кој  истакна дека инвестицијата на Лимак во вредност од 250 милиони евра, значително ќе придонесе на раздвижување на градежништвото.

„Преку реализација на вакви комерцијални проекти, на приватни инвеститори, но и преку реализација на инфраструктурни проекти, кои се од корист и за граѓаните и за Република Македонија, ќе го подигнеме градежништвото во земјата. Само оваа инвестиција на Лимак во наредните 40 месеци ќе има импакт од 5 милиони евра на месечно ниво во Бруто државниот производ, што е значително влијание. Ако во првиот квартал од 2018 година имавме пад на градежништвото од околу 40%, со реализација на предвидените градежни проекти очекувам значителен пораст на градежништвото во иднина, и ќе постигнеме раст на БДП и над проектираните 3%“, посочи вицепремиерот Анѓушев.