Во Крива Паланка официјално отпочнаа градежните работи за модернизација на патниот правец до граничниот премин Деве Баир, преку изградба на трета лента. Со инвестиција од 13 милиони евра ќе се овозможи побезбеден и побрз транспорт на патници и стока кон соседна Бугарија.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, евро-амбасадорот Самуел Жбогар и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје Анди Аранитаси, извршија увид во отпочнувањето на градежните активности за рехабилитација и реконструкција на А2 делница Крива Паланка – Деве Баир. Овој патниот правец е дел од Паневропскиот коридор што ги поврзува Бугарија-Северна Македонија и Албанија и е најфреквентна делница во товарниот транспорт.

Проектот е  поддржан од Европската Унија и Програмата за инвестирање зa Зaпаден Балкан.

Изведувач на градежните работи за реализација на овој значаен проект е економскиот оператор „Гранит“, а рокот за реализација е 24 месеци.

Отпочнувањето на работите за реконструкцијата и рехабилитацијата на патниот правец Крива Паланка – Деве Баир, односно до граничниот премин со Република Бугарија, претседателот на Владата на Северна Македонија, Оливер Спасовски, го оцени како значаен настан зашто овој патен правец е дел од Коридорот 8, еден од најзначајниот коридори што ја поврзува оската Исток-Запад на југот на европскиот континент.

Модернизацијата на Коридорот 8 е стратешка определба на нашата земја и заради регионалното поврзување и соработка како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија. Проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море. Пошироко, тоа е коридор кој преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија, ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија“, нагласи премиерот Спасовски по повод стартот на градежните работи на делницата во Крива Паланка.

Се подготвува санацијата за патниот правец од граничниот премин Ќафасан до Струга, интензивно се одвиваат работите на изградбата на автопат Охрид –Кичево, се заврши рехабилитацијата на автопат од Скопје до Куманово, а во претстојниот период ќе отпочне рехабилитација на делницата Куманово – Страцин во должина од околу 32 километри. Паралелно тече рехабилитација на постоечкиот регионален пат Ранковце – Крива Паланка која се очекува да биде завршена до март 2020 година.

Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, реконструкцијата на регионалниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир е важен проект за подобрување на прекуграничната соработка и развојот на економијата во регионот.

Во својот дел од обраќањето, амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар истакна овој проект е од посебно значење за економскиот развој на самите општини од двете страни на границата меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и за самиот регион.

Овој процес на поврзување започна во рамките на Берлинскиот процес и ЕУ верува во неговата силата затоа што преку овие проекти се остваруваат силни врски. Ова денеска е првиот дел од реализација на овој проект на кој треба да се гледа како нишката што недостасуваа за подобра поврзаност меѓу Скопје Софија, Тирана и Драч на потегот на Коридорот 8“, рече амбасадорот Жбогар.