Заради кавга прекината седницата на ДИК

На висок тон, честопати нетолерантно еден спрема друг, нешто пред 14 часот е прекината седницата на ДИК заради бурна реакција на членот на комисијата од ДУИ Субхи Јакупи кој видно нервозен реагираше на дискусијата на Виолета Дума,член од СДСМ. Дума се обиде да објасни дека треба да се следат инструкциите на Правилникот за работа што тие сами го донеле. Во момент кога читаше делови од него и правеше споредба како практично го применувале во други прилики Јакупи не дозволи да продолжи да чита со образложение дека нема таа да му држи предавања и да го учи. Не помогнаа и апелите на претседателот на комисијата Чичаковски да го почитуваат редот и сите членови гестикулирајќи станаа од своите места и си заминаа.

Претходно два приговори на Беса беа отфрлени.Приговорот за гласањето на изборните места 1119/1 и 1120 во Липково е вториот што беше одбиен . ДИК утврди дека за овој приговор нема поднесено докази. И за оваа одлука на комисијата са имаше седум гласа за, а два против.

Претставникот на Беса рече дека на овие изборни места групно и семејнно се гласало.

– Се гласаше надвор од параванот за гласање, јавно се агитираше пред гласачкото место. Имаше семејно гласање. Од набљудувачите се дадени забелешки, но претседателите на одборите не го прифатиле тоа. Набљудувачите постојано го контактирале кол центарот и може да се проверат таму нивните пријави. – рече претставникот на Беса.

Силвана Бонева предложи да биде отфрлен приговорот бидејќи нема доказ за она што се приговара, туку според неа, се прави намерно драма. Ова е изрежирано за да се поништат некои резултати откако се виде распоредот на мандатите-рече Бонева.

Игор Митев подвлече дека набљудувачот сепак го контактирал кол центарот на ДИК, но немало реакција и дека во законот не се предвидуваат докази.

Субхи Јакупи посочи дека очекувал приговори со докази, но како што рече е разочаран што ги нема. Тој посочи дека за него не се релевантни доказите што ги понудила Беса.

Прретходниот приговор на Беса исто така беше отфрлен заради немање никакви материјални докази.