На ФБ страницата Macedonia Hunting , вчера се објавени неколку фотографии на ловци со убиени срндаци, кои ги вознемирија корисниците на оваа социјална мрежа, а посебно љубителите на животни.

Трите трофејни срндаци , според администраторот на ФБ страницата, се застрелани во лов што се одржал во ловиштето ,,Караорман“, а пленот е уловен во периодот од 5 до 6 и 30 утрината, на 11.08 2018, од страна на членови на ловното друштво ,,Питон“ од Охрид.

Но, најмногу вознемиреност предизвика фотографијата на која со убиените срндаци е сликано дете, веројатно син на еден од ловците:

Противниците на ловството воопшто не се нежни во своите коментари, дури и прилично вулгарно негодуваат на оваа објава.

Еве некои од одговорите на администраторот на жестоките критики од страна на оние што коментираат:

,,Ова е во државно ловиште кое стопанисува според ПЛАН. Ако државата има план како што ти замислуваш те молам запознај не и нас. Не треба изговори за планско стопанисување со дивеч“-се вели во еден од одговорите на коментарот дека е неприфатливо убивањето на овие животни под изговор дека се намножени или стари повеќе од потребното или прифатливото.

Но, на најжестоките реакции за присуството на детето и негово фотографирање до мртвите срндаци, од Macedonia Hunting велат:

,,Тоа дете ќе израсне во вистински љубител и заштитник на животните и природата и ќе ги подучува патетичните лаици на животот на дивите животни на ограничена територија. Пред сѐ ќе ги подучува дека тоа не се џукелите на плоштад или други љубимци ко се научени да живеат во урбани средини“.

 Ловците сметаат дека  современото ловство е санитарно. Според нив, им  се овозможува на младите и здрави единки да продолжат да живеат во контролирана здрава средина. Болните и стари, пренамножени на одредна територија, затоа плански се отстрануваат.

Тие одговараат и на сѐ позачестената појава за фотографирање со уловениот плен:

,,Фото-ловот зема сѐ поголем замав и како интересен дел од ловството, станува афирмиран и важен дел во една, слободно може да се рече, економска гранка. Покрај старите ловци на кои им е здосаден класичниот лов, сѐ повеќе млади луѓе се заинтересирани за фото и видео ловот. Притоа го документираат секојдневото живеење на овие диви животни, без да им влијаат на никаков директен начин. А средствата повторно остануваат во ловиштето како битен извор на финансирање за ловочуварска служба и за други потреби“-велат тие.

Според нив, нарушени се алките во природниот систем и мора стопанисувачот да интервенира во одредени сегменти. Тврдат дека тоа е научно докажано и потврдено секаде во светот и на многу поголеми површини.

Со средствата кои се собрани со одстрел на стари и болни единки се овозможува ловното друштво да продолжи да се грижи плански за останатите диви животни и да им ги овозможи сите природни услови за живеење, коментираат од ловните друштва.

АКО.мк