Затруени курсисти во Полициска академија паднале во бесознание

Неколку курсисти во Полисциската академија во Идризово откако се пожалиле на тегоби, паднале во бесознание. Инцидентот го потврди и МВР , но тие во нивното соопштение информираат дека се земени мостри од објектот за исхрана во рамки на Полициската академија и се дадени на испитување. Во соопштението од МВР се вели дека со едно амбулантно возило од итната медицинска помош, им биле извршени прегледи на 38 слушатели. Тројца од нив биле пренесени во Клинички центар, двајца од кадетите биле пуштени , додека едно лице е задржано на лекување.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат изјавија дека се земени мостри од трпезаријата и од другите работни површини и дека кујната е затворена.

“По пријава од Центарот за јавно здравје и од Клиниката за Инфективни болести дека во Центарот за обука на МВР Идризово има случаи на труење со храна, екипа на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од подрачна служба Гази Баба, заедно со екипа од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Центарот за јавно здравје направи увид. При тоа земени се мостри од работните површини во трпезаријата и кујната, а тие се записнички затворени додека не се добијат анализите од земените мостри, односно додека не се види за што точно се работи, бидејќи таму се подготвува храна за 620 питомци“, изјави Џевџес Шаќири, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Курсистите постојано се жалеле на лошиот квалитет на храната, а од санитарна инспекција најавуваат дека резултатите од мострите ќе бидат готови утре.