Захарова прашува со кој дел од Северна Македонија САД делат иста граница?

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, се јави со прва реакција по одбивањето на ЕУ да отворат преговори за членство со С. Македонија и со Албанија.

Таа праша со кој дел од овие две земји граничат САД за да лобираат преку океанот за нивно зачленување во ЕУ.

,,Може да разберам американски дипломат да ги измеша Архангелск со Северодвинск. Странска земја, немале географска карта. Но, со кој дел од Северна Македонија и Албанија граничат САД за да лобираат за нивна интеграција со друг континент, ова Стејт Департмент треба да го знае“ напиша Захарова на Твитер одговарајќи на Твитер налогот на портпаролката на американскиот СД, Морган Ортагус, која твитна дека Вашингтон е многу разочаран со последните одлуки на челниците на ЕУ.

Захарова уште пишува дека разбира дека по излегувањето на В.Британија од ЕУ мора да се пополни празнината, но Брисел сам мора да сфати што ги чека доколку овие две земји станат членки на ЕУ, наведува Захарова, пренесува Спутник.