За американското Министерство за правда Људмил Кљусев е обичен нарко-дилер

На 22 февруари 2017 година судот во државата Конектикат – САД ќе ја донесе пресудата за Људмил Кљусев, кој од минатата година е во притвор заради нелегално дистрибуирани лекови, кои строго се издаваатсамо на рецепти. Лековите без надзор на лекар, може да предизвикаат смрт.

Људмил Кљусев, син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, пред Окружниот судија Алвин Томпсон во Хартфорд се изјаснил за виновен за нелегална дистрибуција на наркотици, како и за вршење измама со здравствена заштита, велат во соопштение за агенцијата МЕТА од Министерството за правда на САД.

Според судските документи и изјави дадени во суд, Кљусев, кој имал психијатриска установа во Милфорд, ги препишувал лековите „адерал“ и „занекс“ на пациенти кои за рецептите плаќале во готово.

„Истрагата, која вклучува доверливи сведоци и полицаец на тајна задача кој се претставувал како пациент, откри дека Кљусев ги препишувал лековите без целосен медицински преглед на пациентите, препишувал рецепти без потврда на состојбата која бара медицински третман со овие лекови и издавал рецепти во замена за пари на пациенти кои правеле злоупотреба на дроги и имале зависничко однесување. Тој, исто така, им наредувал на вработени да потпишуваат рецепти од него, кога тој бил надвор од земјата. Во 2014 и 2015 година, Кљусев незаконски фактурирал од приватни здравствени осигурителни компании околу 76.983 долари за извршени медицински услуги кога тој бил надвор од земјата“, се вели во соопштението.

Кљусев се изјаснил за виновен дека имал намера да дистрибуира наркотици, што носи максимална казна затвор од 20 години и за измама со здравствена заштита за што е предвидена максимална казна затвор од 10 години. Кљусев се наоѓа во притвор откако беше уапсен на 12 ноември 2015 година.

– Овој доктор продавал строго контролирани лекови за пари како да е обичен дилер на дрога. Откривме дека видот на апчињата што тој ги препишувал придонесуваат за смртни случаи предизвикани од предозирање. Тие се многу опасни ако не се земаат соодветно и се практично токсични ако се мешаат со опијати – вели државниот правобранител за дистриктот Конектикат, Деидре Дали.

Страните се согласиле дека соодветната казна затвор во овој случај е помеѓу 26 и 77 месеци. Кљусев се согласил да му ја одземат ординацијата. Од неговата канцеларија на денот на апсењето биле запленети 173.095 долари. Тој, исто така, се согласил да се откаже од дополнителни 117.431 долари кои биле на неговата службена сметка, и да плати надомест во износ од 76.983 долари.

Судијата Томпсон закажа изрекување на пресудата на 22 февруари следната година.