За време на протестите група момчиња напаѓала низ улиците

МВР немала проценка дека вчерашните протести за поддршка на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ може да бидат насилни. Затоа и не испратиле дополнителни полициски сили за обезбедување на протестниот марш. Но, само во период од неполн час се случиле три инциденти во кои се повредени 5 лица од кои едно посериозно со убодна рана се уште се наоѓа на болничко лекување. Двајцата истепани медиумски работници од порталот А1он со потрес на мозокот и контузии, се пуштени на домашно лекување. За нивниот напад се уште нема осомничени.

– На разговор во полициска станица се повикани 12 лица за првиот инцидент кај Порта Македонија каде биле нападнати и повредени камерман и новинар од порталот А1он. Се проверуваат сите фотографии и снимки од безбедносните камери, но засега немаме осомничени лица. Вториот инцидент кај НБРМ се случил во 19.10 часот кога 17-годишно момче било нападнато од група негови врсници. Тоа било повредено и било пренесено на скопските клиники. На таа локација оваа група нападнала и други шест деца кои биле на автобуската кај НБРМ. Во 19.20 часот во автобус со број 58 влегла група момчиња која повредила 17-годишно момче – изјави началникот во МВР Јордан Ламановски.

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу упати порака дека граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи полицијата ги држи работите под контрола. Тој упати жалење за инцидентот со новинарите и повика на разум и почитување на редот и мирот.