За Вучиќ е важно што ќе прави,а не што зборува Заев и како Македонија ќе гласа во УНЕСКО за Косово

Идниот српски Претседател Александар Вучиќ изјави дека не го интересира што зборува за него мандатарот Зоран Заев и какви навреди му упатува, туку како тој ќе се однесува кон Србија и како ќе гласа Македонија во УНЕСКО кога ќе дојде време да се зборува повторно за приемот на Косово во оваа организација.

,,Кога ќе дојде време да се гласа во УНЕСКО, тогаш ќе видиме дали ќе го исполнат тоа што го рече тој“-изјави Вучиќ.

Тој, за разлика од Заев, како што изјави, нема да каже што мисли за него, бидејќи тоа е работа на граѓаните на Македонија.

,,Заев ја води втората по големина партија во Македонија, сега има шанса да формира Влада. Ќе видиме, ќе судиме според делата, а не според зборовите. Не ми пречи што ме навредуваше, тоа зборува повеќе за него, отколку за мене. Не брзам да му одговорам на таков начин“-вели Вучиќ.

Александар Вучиќ не добил одговор што е шовинистичко и националистичко во неговото однесување, па според тоа смета дека таквата изјава е дадена во одреден момент затоа што тоа му требало некому.

Нема да ги коментира внатрешните политички односи во Македонија, но бара и ,,Србија да ја остават на мир“.