За Вучиќ е срамно објавувањето на прислушуваните разговори меѓу Стоиљковиќ,Лазански и Живаљевиќ

По објавувањето на транскрипти на прислушувани разговори кои се воделе меѓу пратеникот од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ Иван Стоиљковиќ и српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, а се однесуваат и на  новинарот и пратеник во српскиот Парламент Мирослав Лазански,  Александар Вучиќ изјави дека е тоа срамно.

Тој не верува дека објавувањето е дело на  македонската страна, туку, според него, тоа е дело на една западна служба.

Според Вучиќ, одговорни држави не објавуваат прислушувани разговори.

,,Во Србија не се објавуваат прислушувани разговори во медиуми, барем не оние направени по 2012 година. Секако дека ги има , во согласност со законот, но не во медиумите. Одговорни држави се однесуваат на одговорен начин“-вели Вучиќ.

Тој во интервју за Тв Пинк запраша зошто македонските власти воопшто го следеле и прислушувале Мирослав Лазански. Според него, тоа што е направено и потоа објавено, е срамно и не е за гордеење.

 

Српската мрежа за истражување криминал и корупција КРИК вчера објави транскрипти за кои тврди дека се од прислушувани разговори  од македонската Управа за безбедност и контраразузнавање. Разговорите се водени меѓу  пратеникот во македонското Собрание, Иван Стоииљковиќ и српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ.

Во извештајот, за кој се тврди дека е од УБК, има заклучок во кој се вели дека српскиот разузнавач ги котролира и насочува активностите на пратеникот Стоиљковиќ, а преку него, посредно се обидува да влијае и врз политичката ситуација во Македонија.

Транскриптите од прислушуваните разговори може да ги прочитате  на овој линк.