За Илија Димовски политичкото агитирање меѓу ученици е патриотски говор на директорот

 

,,Го бранат директорот од Куманово кој си го сликал половиот орган и сликите завршиле на нет, а го напаѓаат директорот од Прилеп заради патриотски говор пред учениците!!!

Дно!“

Ова на својот ФБ профил го напиша пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски давајќи му поддршка на директорот на прилепската гимназија ,,Мирче Ацев“  Киро Николоски, кој вчера агитираше меѓу учениците да излезат на протест и да се борат против двојазичност и учење на албанскиот јазик.

Од друга страна пак , од Министерството за образование и наука најостро ги осудија ваквите повикувања, кои според нив,  се косат со сите етички принципи во образованието.

„Пристапот, или повикот од страна на директорот се коси со сите позитивни законски регулативи во нашата држава. Тоа е спротивно на законот за основно и законот за средно образование. Тоа е фактички, политизирање и инволвирање на  самите деца во овие протести што се случуваат во нашата држава. Исто така, се коси со Меѓународното право на детето, со еден збор, неговиот пристап е националистички, шовинистички со фашистички елементи“, изјави Сафет Незири за тв21.

Од МОН најавија дека Државниот просветен инспекторат ќе постапи соодветно и ќе го испита целиот случај.

Што се однесува пак до споредбата со наводен  случај на покажување на полов орган од страна на директор на кумановска гимназија, Димовски се повикува на информации за кои посочениот директор веќе објави дека станува збор за лажни фотографии и злоупотребен ФБ профил.

Имено, директорот Горан Димитријевиќ, тврди дека непознато лице  се обидело да изнуди 8000 евра од него, уценувајќи го со објавување негови фотографии со непримерна содржина. Но, откако тој одбил, фотографиите биле објавени.
„Тоа не се мои фотографии, тоа е мојот лик, а до него поставиле фотографии со непримерна содржина, значи украден е мојот профил и нарушен мојот углед и угледот на моето семејство“ – изјави Горан Димитријевиќ, директорот на СОУ „Гоце Делчев“ за ТВ 24.
Случајот го пријавил во полиција, а во меѓувреме, вели, размислувал и на оставка од морални причини.
„Тука имам поддршка од моите, но кога на портал ќе излезе ваква работа и кога некој ќе прочита од друг град, мојот авторитет како спортист е нарушен“ – вели Димитријевиќ.
Од кумановската полиција потврдуваат дека е пријавен случај на злоупотреба на ФБ профил, а градоначалникот на Куманово побара негово побрзо расветлување.
АКО.мк