За македонЦкото новинарство…

(Со повод…)

Препораките до новинарите да го прашаат министерот Филипче на прес конференциите како е, не придонесуваат за професионално новинарство. Тоа во нашите кругови би се сметало за полтронизам.

Работата на новинарите е да известуваат правилно, навремено, и пред сѐ професионално. Работата на уредниците е да им дадат еснафски насоки на новинарите да прашаат што е во интерес на редакциите(согласно дневните планови за работа, актуелност, обработка на теми…), и се разбира, пред сѐ, заради целосно и објективно информирање на јавноста. Како ќе прашаат новинарите е предмет на претходна подготовка и обука.

На добро информиран, обучен и подготвен новинар не му требаат посебни насоки, туку тој во принцип ја храни редакцијата со корисни информации од терен, бидејќи ако е навлезен во проблематиката, ТОЈ е стожерот на вестите во својата област.

Зошто прашањето за реновирањето предизвика толку реакции?

Па одговорот е едноставен. Одговорот на прашањето потоа е искористен за напад врз министерот како насловите од типот ,,Филипче побара да не реновираме по дома“.

Не знам дали новинарот добил инструкција за вакво прашање поради вакво изместување на тезите, или само сметал дека треба да постави такво прашање, кое не е нужно за една таква прес конференција.

Секоја тема заслужува внимание, па и таа, ако се знае како да се обработи и како да се дојде до потребните одговори.

Патем, и новинарите се луѓе кои се постојано на терен и се соочуваат со истите предизвици, како и другите специфични професии. И ним им треба прашањето како се? И како се платени во екстремни услови за работа, но и воопшто.

(П. С. Да, како што постојат глупави одговори, има и глупави прашања. Има прашања на кои некаде не им е местото, има непоставени прашања, има договорени прашања, има нарачани прашања, има прашања кои немаат врска со темата, има прашања кои не личат на прашања, има прашања подолги од одговорите, има пршања со одговор, констатација, насока што да одговори соговорникот, има прашања со заклучок, има забранети прашања…има секакви прашања. Но, секое прашање заслужува одговор. Има и секакви новинари…и не значи дека за тоа не треба отворено да зборуваме)

Емилија Лазаревска

( Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година, кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)