За отстранување на токсичниот линдан од Охис се потребни од 40 до 260 милиони евра и од 3 до 5 години

Токсичниот линдан кој лежи затрупан во кругот на поранешната фабрика Охис, треба да биде отстранет во наредните 3-5 години. Средствата ќе бидат обезбедени од странски фондови , а според проценката на Генералниот секретар на Влада, за оваа сложена операција ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра, што е прилично широка рамка на средства.

,,Во зависност од собраните средства ќе зависи изборот на методот кој ќе го користиме за уништување на отпадот од опасниот пестицид линдан. Сакам да истакнам дека истовремено ќе се чистат двете депонии во поранешната фабрика Охис и очекуваме дека тој процес ќе трае од 3 до 5 години“, истакна Генералниот Секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски. 

Премиерот Зоран Заев во име на Владата на Република Македонија  го потпиша Меморандумот за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора.

Успешната имплементација на проектот има за цел создавањето на заеднички Фонд, како системски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град.

„Веќе е познато дека одредена количина од овој опасен пестицид со години е затрупан во кругот на фабриката и претставува закана за животната средина. Република Македонија, со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-тата година, во којашто линданот како токсична материја е додаден во 2009-та година, e обврзана да го реши овој проблем. И затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици врз околината и врз граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Потенцирајќи дека здравата и чиста животна околина се едни од основните предуслови за квалитетен живот на сите, премиерот Заев истакна дека Владата и сите други надлежни институции се определени да создадат средина во којашто граѓаните ќе живеат без да се грижат каков воздух дишат или што се крие под земјата којашто ја газат. 

Процесот за конечно решавање на проблемот со илјадниците тони отпад од опасниот пестицид линдан во поранешната фабрика Охис, ќе го води Генералниот Секретаријат на Владата на Република Македонија.