За 13 дена Груевски треба да се јави на издржување двегодишна казна затвор

Поранешниот премиерот Никола Груевски утрово пред да влезе во кривичниот суд ја прими поканата за издржување на казната затвор од две години. Нa 8 ноември тој треба да се појави во затворот во Шуто Оризари за случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес, во кој е обвинет за злоупотреба на службена должност.

Според информации од кривичен суд имало неколку неуспешни обиди поканата да му биде врачена на домашна адреса, па затоа денеска пред да седне на обвинителна клупа за случајот ,,Траекторија“, го добил упатниот акт за затвор од судија за извршување на санкции.

,,Заради интерес на повеќе медиуми, ја потврдуваме информацијата дека денеска, пред судењето за предметот од обвинителствот означен како „Траекторија“, на еден од осудените лица со правосилно потврдената пресуда од страна на Апеалциониот суд – Скопје, за предметот од обвинителството означен како „Тенк“, по претходно неуспешен обид да му биде доставен на домашна адреса, во судот му беше врачен упатениот акт, изготвен од судија за извршување санкции, во кој е наведен максималниот рок од 13 дена кога треба да се јави на издржување на правосилно потврдената санкција“-соопшти Основен суд Скопје 1-Скопје.