За 73.000 евра ПР агенција ќе го подобрува имиџот на градоначалникот Златко Марин

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин склучил договор со маркетинг агенција ,,Мек Кен“ , вреден 73.000 евра за да ги информира аеродромци што ќе сработи за нив во наредната година, известува ТВ 24.

Договорот е склучен за една година, што значи дека услугите на оваа агенција жителите на Аеродром месечно ќе ги чини 6.000 евра.

ТВ 24 извесува дека договорот е склучен минатата недела.

Иако на веб страницата на Аеродром стои дека за односи со јавност се задолжени 7 лица, од општина Аеродром велат дека практично имаат тројца. Тие нема да добијат отказ, туку, како што велат, потребен е „дополнител стручен сервис , бидејќи општината продолжува да работи со голем интензитет и има обемна програма“-пишува ТВ24.

„Програмата е обемна и опфаќа активности и проекти од повеќе области. Општинската администрација е задолжена за реализација на програмата, додека улогата на професионалната маркетиншка агенција е преку нивните креативни, стратешки и експертски услуги да овозможи дополнителна поддршка за уште поефикасно креирање, организирање, информирање, презентирање и вклучување на граѓаните во сите тие активности, проекти и акции.“ – одговорија за оваа тв куќа од Општина Аеродром.

Според договорот Агенцијата ќе треба да издава соопштенија, да изработува презентации, да пушта покани до медиумите за настани, да прави листа од можни прашања од медиумите за Марин, но и да ги смисли неговите одговори.

Покрај организација на настани, кампањи, Агенцијата треба да се грижи и за протоколот на градоначалникот. Да му подготви предлог начин за обраќање и движење на Марин на јавните настапи. Да смислува содржини за Општината на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“.

На официјалната веб страница на Општина Аеродром за овој договор нема ништо.

Извор:
https://www.24.mk