Згрижување на лојалните партиски кадри

Лојалните партиски кадри на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, пред вонредните парламентарни избори, се згрижуваат на сигурни функционерски места во државните институции и јавни претпријатија. Тие буквално, што би рекол нашиот народ, како чорапи можат да ги менуваат своите работни места. Можат да бидат се-пратеници, директори, членови на управни одбори, советници, министри, само ако партискиот лидер има доверба – тие можат да станат и претседатели на држава.

Високиот функционер на ДУИ Сузана Салиу и близок соработник на Али Ахмети, даде свечена изјава и пак се вдоми во канцеларијата на Народен правобранител како негов заменик.

Тивкото повлекување на Салиу следуваше по нејзиниот дебакл како директор на Центарот за управување со кризи и нејзиното неснаоѓање за време на големите поплави изминатиот август кога повеќе лица загинаа, а многумина останаа без своите домови.

Сузана Салиу еднаш веќе беше заменик на народниот правобранител од 1997 до 2006 година, па потоа Јавен обвинител, па 2011 беше избрана за пратеник од редовите на ДУИ, кога стана и потпретседател на Собрание на РМ.

Другиот заменик на Народниот правобранител Јован Андоновски е од редовите на ДПМНЕ и тој имаше континуирана кариера во државните институции, првин како Генерален директор на Централен регистар, преку Министертво за надворешни работи , па потоа беше Државен секретар во Секретаријат за европски прашања кога предизвика меѓународен скандал со ФБ порака за грчкиот министер за надворешни работи Венизелос во 2014 година пред неговата посета на Македонија. Тој напиша- Македонија ќе го смени своето име , кога ќерка ти ќе стане мис на светот. Пораката беше ставена под фотографија, алудирајќи на изгледот на ќерката на Венизелос.

%d1%98%d0%be%d0%b2%d0%b0%d0%bd

Или експресното згрижување на Дејан Бошковски поранешен директор на ЕЛЕМ, пред тоа и на МЕПСО, сега без да ги исполнува условите, ќе биде прибран во Регулаторна комисија. Бошковски е и сопруг на Билјана Бришковска-Бошковска еден од најверните извршители на Никола Груевски, која според она што можеше да се чуе од прислушуваните разговори, директно учествувала во лажирање на изборни резултати. Таа подолго време е заменик-министер за правда, но всушност делува како министер во сенка.

Во јавноста неодамна големо внимание предизвика поставувањето на 23 годишниот Лука Кржалевски од Унија на млади сили на ВМРО ДПМНЕ за директор на Службен весник! Не е првпат ВМРО да поставува неискусни и без никакво работно искуство партиски кадри од подмладокот, на високи државни функции. Ваквата кадровска политика буди сомнеж дека тие се само про-форма и се поставуваат на места каде врхушката од партијата сака да има тотална контрола, дали од чисто прагматични политички или финансиски причини.

Практикувањето на власт од страна нан ВМРО ДПМНЕ покажува дека партијата нема намера да воведе манири на одговорност и отчетност за сработеното на функционерите. Сите верни партиски кадри место да сносат одговорност за лошото работење, се згрижуваат на сигурни и добро платени места.

Ова секако важи и за партиските кадри на ДУИ, кои практикуваат заедничка политика на братска делба.

Емилија Лазаревска