Премиерката Софи Вилмс вчера при официјалната посета во болницата „Свети Петар“ во Брисел, наиде на студен прием од здравствените работници.

Персоналот формираше колони од двете страни за дочек на премиерката, но кога таа поминуваше со нејзиниот автомобил и придружбата, тие ѝ го свртеа грбот.

Оваа болница е централна за прием на КОВИД пациенти во Брисел. Токму во неа се лекуваше првиот белгиски пациент од коронавирус, Филип Собри, по враќањето од Вухан во Кина, каде започна пандемијата.

Непријателскиот пречек имаше цел да изрази несогласување со досегашниот начин на Владата со справуваање со пандемијата од КОВИД 19, како и со неодамна донесената законска регулатива за вработување во здравствениот сектор.

Медицинскиот персонал низ цела Белгија се жали на екстремен замор и исцрпување поради долго работно време по појавата на вирусот, како и на ниски плати и кратења на буџетот.

Покрај тоа, владата донесе „контроверзно“ законодавство со кое се зголемува обемот на работа на здравствените работници и овозможува вработување медицински нестручни работници за медицински сестри.

По нејзината посета, Вилмс на прес-конференција рече дека протестот го сфаќа како повик за разговори помеѓу владата и здравствениот сектор.

„Ништо нема да биде исто по кризата, треба да ја преиспитаме важноста на медицинската сестра“, рече таа.

Во Белгија, земја со над 11 милиони жители, повеќе од 55.000 луѓе се заразени од коронавирусот досега, а има на 9000 смртни случаи поврзани со овој вирус.

Во изминатата недела, се чини дека епидемиската состојба се стабилизира бидејќи дневните хоспитализации и смртните случаи беа сведени под 100.