Зеленски бара одговорност и компензација откако Иран призна дека го урнале украинскиот авион

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски бара целосно признавање на вина, одговорност и компензација за семејствата на загинатите откако Иран официјално призна дека по грешка го урнале украинскиот патнички авион.

Зеленски објави дека Украина очекува Иран да дозволи целосна истрага, да ја презеде одговорноста и да ги изнесе пред лицето на правдата оние кои ја направиле оваа ужасна грешка.

Украинскиот претседател најави дека ќе бара целосна компензација и плаќање на отштета кон државата и кон семејствата на загинатите патници и членови на екипажот.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани изјави дека Иран жали за ужасната ненамерна грешка. Тој наведе дека украинскиот авион е соборен со ракета на воените сили на неговата земја, откако е направена погрешна проценка дека се работи за непријателска мета.

Во официјалното соопштение на војската се наведува дека поради човечки фактор е соборен Боингот 737 во кој имаше 176 патници и членови на екипажот.

Авионот летал ниско над чувствителна зона на територија на Револуционерната гарда на иранската војска, што довело до ужасна грешка и трагедија, се наведува во соопштението на иранската војска.

Ројтерс, пренесува дека иранската Влада најавила дека сторителите ќе одговараат пред законот.