Злоупотребен Јавниот сервис од неговото раководство во функција на изборно заплашување

Перфидна и провидна е одлуката на раководниот тим токму во квечерината на изборниот ден да го емитува документарниот филм посветен на новиот херој за една политичка опција.

Како што информира невладината ЦИВИЛ, Јавниот сервис МТВ на Првата програма попладнево го емитуваше документарниот филм за контроверзниот Андон Лазов Јанев – Ќосето. За време на изборен молк, ден пред предвремените парламентарни избори, на програмската шема на јавниот радиодифузер се најде документарец за егзекуторот, чиј споменик е поставен пред објектите на судовите.

И тоа откако, спорната личност беше употребена во застрашувачки контекст за време на кампањата, кога лидерот на една партија и коалиција, отворено му се закани на политичкиот конкурент, лидер на опонентската партија и коалиција, со порака дека да бил „Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само ‘Ќосето’, да ја заврши приказната со таков човек“.

Во меѓувреме, овој маргинален, до неодамна непознат лик од историјата  за пошироката јавност, стана главна ѕвезда за политичките лидери на една партија со национален предзнак, а нејзините поддржувачи на митинзите носеа иконографија и знамиња со ликот на Ќосето. Високи функционери на одговорни државни функции, јавно се закануваат со пресметка после изборите доколку победат, со сите неистомисленици, а посебно со припадници на невладиниот сектор.